Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во рамки на засилените контроли пред новогодишните празници кои се спроведуваат и на добиточните пазари и прометот со живи животни, со цел зајакнување на мерките за спречување на појава и ширење на болеста Африканска свинска чума кај свињите, викендов (сабота, 18.12.2021 година), во соработка со Министерство за внатрешни работи спроведе контрола на прометот на живи животни на добиточниот пазар во Струмица и во Куманово. Со контролите, констатирано е дека има продажба на животни од видот свињи кои се неидентификувани (без ушни маркици) и без соодветни документи.
Одземени и уништени се вкупно 29 свињи кои потекнуваат од четири различни одгледувалишта. Против сопствениците на животните изречени се глоби согласно Законот за ветеринарно здравство и Законот за прекршоци.
Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со спроведување на засилените контроли на добиточните пазари за време на работното време на пазарите, со цел спречување на промет на животни кои немаат соодветна документација, како една од мерките за спречување на појава на Африканска чума кај свињите, болест која не е присутна во нашата земја, а која може да предизвика огромни економски штети во свињарското производство.