Агенцијата за храна и ветеринарство го ресертифицираше Системот за квалитет и од страна на Quаlity Austria по трет пат го доби сертификатот за управување со квалитет согласно барањата на стандардот ISO 9001:2015. Со тоа и во услови на глобална COVID 19 пандемија се покажа дека воспоставениот Систем за квалитет на АХВ функционира ефикасно и ефективно и ги задоволува потребите на економските оператори и на граѓаните.
На 25 и 26 февруари, 2021 година во Агенцијата за храна и ветеринарство беше спроведена ресертификациска проверка на Системот за менаџмент со квалитет од страна на надворешното Сертификациско тело MQS, партнер на Quality Austria согласно барањата на стандардот ISO 9001:2015.
Целокупниот аудит ги опфати сите барања на стандардот, преку Политиката за квалитет, мисијата и визијата на Агенцијата, системските процеси на преиспитување на врвното раководство, контекстот на агенцијата преку влијанието на надворешните и внатрешните фактори и заинтересирани страни. За време на аудитот беа проверувани и оперативните ризици во процесите преку новата FMEA методологија, потоа анализата на задоволство на корисниците на услуги, управувањето со документацијата во системот, елементите на интерна проверка, како и мерки за континуирано подобрување.
Во услови на глобална пандемија со Covid – 19 проверката беше спроведена on – line со активно учество на сите носители на процеси во Агенцијата и претставници на тимот за управување со квалитет. Од страна на Сертификациското тело MQS беше изразено огромно задоволство во поглед на целокупното одржување и документирање на системот, како и за пристапот и несебичната посветеност на новото раководство на Системот за менаџмент со квалитет.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски потенцира дека АХВ и понатаму ќе вложува максимален напор за континуирано одржување и подобрување на Системот за квалитет и ќе ги следи сите новини, со цел поефективно и поефикасно работење и постигнување на поголемо задоволство на корисниците на услуги