Aгенцијата за храна и ветеринарство зема активно учество и го поддржа проектот „ Дали личиме на ЕУ? - Филмско документирање за мониторинг и заштита на човековите права во Република Северна Македонија“, кое го релизира Здружението за промоција и унапредување на културните вредности КОНФИДЕНС од Скопје во соработка со продукцијата Балкон3. Проектот е финансиран преку ЕИДХР Програмата за човекови права и Европската унија.
Д-р Ката Стојановска, раководител на Одделението за заштита на потрошувачите при АХВ, активно се вклучи во реализацијата на деветтата од десетте документарни емисии, преку која ќе се прикаже состојбата со правата на потрошувачите и нивната запштита, во рамки на серијалот за човековите права во Република Северна Македонија. Деветтата епизода е посветена на политиките за заштита на потрошувачките права и системот за нивно развивање. Учеството на претставниците од АХВ се однесува на заштита на правата на потрошувачите од аспект на безбедноста на храната.
Преку оваа документарна емисија во која ќе бидат вклучени и други инститиции и невладини организации кои работат на заштитата и унапредувањето на правата на потрошувачите во нашата земја, ќе се направи паралела, до каде сме во развојот на овој сектор, особено од аспект на приближување кон Европската унија. Одговор ќе се даде и на прашањата како се заштитени потрошувачите кај нас, кои се нивните најголеми проблеми и кои се можностите за нивно активно вклучување во заштитата на правата на потрошувачите. Во деветтата епизода, ќе биде направена паралела со презентирање на пример од земја членка на ЕУ и активностите кои таму се преземаат за заштита на правата на потрошувачите.