Во насока на зајакнување на националните капацитети за проценка на ризик во областа на безбедноста на храната и храната за животни, денес Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) го одржа првиот состанок со експертите во научните панели, членови на Националната платформа на експерти во рамки на Националниот совет за безбедност на храната на Агенцијата за храна и ветеринарство. На состанокот детално беше објаснет принципот по кој ќе функционираат панелите во рами на Националниот совет за безбедноста на храната, кој, како што истакна во обраќањето пред експертите директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, е формиран по теркот на Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА).
По моделот на ЕФСА панелите ќе имаат обврска да прават проценка на ризик на барање на Националниот совет или по сопствена иницијатива. Научните панели се организирани во 10 стручни области - здравствената заштита и благосостојбата на животните, биолошките опасности, контаминентите во синџирот на исхраната, за диететските производи, исхраната и алергиите, за адитивите и хранливите состојки додадени во храната – рече во обраќањето Атанасов.
Проценка на ризик и подготовката на извештаи за одредени прашања од делокруг на работа на Советот ќе се врши преку овие тела на Националниот совет, потенцира директорот и додаде дека очекува експертите активни да бидат и на полето на средства за заштита на растенијата, резидуите, здравјето на растенијата, за материјалите кои доаѓаат во контакт со храната, ензимите, подобрувачите на вкус и технолошките помагала, адитивите и производите или супстанциите кои се употребуваат во храната за животни, вклучително и во рамки на панелот за генетски модифицирани организми.
На состанокот презентирана беше соработката која АХВ ја остварува со ЕФСА како нејзина контакт точка, како и можностите за соработка и аплицирање на проекти кои ги објавува оваа реномирана европска институција за безбедност на храната.
Изборот на експертите на Националната платформа на експерти во рамки на Националниот совет за безбедност на храната беше извршен неодамна и во неа учествуваат стручни лица од факултетите, научно истражувачките институции и други научни и образовни институции.