Стручни лица од Агенцијата за храна и ветеринарство денес на Факултетот за земјоделски науки и храна одржаа работен состанок со претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.
Презентирани беа новите правилници за директно снабдување за храна од неживотинско и животинско потекло со цел овие институции да извршат прилагодување на програмите за финансиска поддршка на новите правила за директно снабдување. Како што беше истакнато на состанокот, подзаконските акти за регулирање на директната продажба на мали количини производи од страна на фармерите претставува можност за развој и унапредување на работењето на земјоделците, чии производи без посредство на трговците можат директно да ги пласираат на пазарот.
Правното регулирање на директното снабдување е основа за производство на земјоделски производи со зголемена, додадена вредност и можност за зголемување на конкурентноста, водејќи сметка за хигиенските стандарди кои ќе ја гарантираат безбедноста на производите.
Со правилниците како што беше истакнато на состанокот е воспоставена можност за следливост на производите и за гарантирање на нивната безбедност.