И покрај ограничувањата во патувањето и средбите лице в лице заради глобалната пандемија КОВИД-19, ФАО продолжи да ги здружува партнерите преку Интернет, за да разговараат за Африканската свинска чума - смртоноснo, вирусно, прекугранично заболување кај домашните и дивите свињи, против кое нема вакцина. Фокусот на состанокот кој се одржа вчера беше ставен на дивите свињи, ловот и ловната биосигурност.
Ова е втор состанок каде се сретнаа ветеринарните служби од Балканот и ги презентираа иницијативите на ФАО и беа разменети информации за идната координација и активностите кои ќе се преземат, а се поврзани со Африканската свинска чума. Ваквите состаноци, според најавите на ФАО, се очекува да продолжат и во иднина, на секои три месеци.
Средбата е навремена,оценуваат од ФАО, бидејќи Африканската свинска чума неодамна беше откриена кај диви свињи во Германија, а годишните сезони на лов низ целиот регион ќе почнат за неколку месеци.
Учесници на овој состанок преку Интернет се националните контакт лица од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија, претставници на релевантни меѓународни чинители, вклучително од Европската комисија, Светската организација за здравје на животните (ОИЕ) и претставници од соседните земји.
На состанокот ФАО ги претстави тековните и планираните активности за истражувања на ловишта со посебен фокус на нивната биосигурност, пријавување на мртви диви свињи преку апликацијата iMammalia и обука за ловџиите за Африканска свинска чума.