Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Атанасов за МИА: Инспекциските контроли фокусирани на кетерингот, малопродажбата и маркетите

02.05.2020
Агенција за храна и ветеринарство

Граѓаните може да бидат спокојни. Инспекторите се постојано на терен. Покрај редовните, интензивно вршат и засилени, вонредни контроли. КОВИД-19 не може да се пренесе преку храната, со нејзина консумација, но може при механичко манипулирање – преку пакувањата на производите во маркетите. Затоа сите, како потрошувачи, мора да се придржуваме до препораките, заедно да придонесеме во борбата против коронавирусот, вели за МИА директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Зоран Атанасов.

Според Атанасов, ситуацијата се следи на дневна основа, а така се дистрибуираат, па и соодветно се менуваат мерките испорачани до операторите со храна – производството, дистрибуцијата и прометот.

Вонредните контроли се главно насочени кон кетерингот, малопродажбата и маркетите зашто фреквенцијата на луѓе сега е таму ако се земе предвид дека кафеаните, рестораните, кафетериите или генерално, угостителските објакети се затворија, освен оние што испорачуваат храна, нагласува директорот.

Од почетокот на вонредната ситуација беше јасно, додава, дека во компаниите кои вршат производство и дистрибуција кои во овие моменти се најоптоварени, ќе се појават лица кои немаат завршено курсеви за безбедност на храна и хигиена или кои немаат извршено санитарни прегледи.

Ни беше јасно дека ќе се соочиме со тој проблем и затоа таму се насочивме. Ако некој ги погледне извештаите што ги доставуваме до Инспекцискиот совет, ќе види дека отстапувањата се во тој сегмент. Нормално, кога компанијата се соочува со недостиг на соодветен персонал кој ги познава и ги применува мерките, ќе пополни место со друг зашто потребата тоа го налага. На пазарот немаше недостиг на храна, успешно се изменаџираа трговијата, пласманот, производството, потенцира Атанасов.

Ваквите пропусти не се однесуваат само на евентуално ширење на КОВИД-от, туку претставуваат опасност и за ширењето на болести преку храна.

Бројката на евидентирани недоследности не е голема. Во просек е кај три до пет објекти од исконтролирани 60 – 70 во текот на денот што не е некое отстапување. И кога нормално работат угостителските објекти вакви пропусти има. Но, добро е она што инспекторите ќе го утврдат, јавно да се соопшти зашто така луѓето, односно операторите стануваат посвесни, дополнува Атанасов.

Во однос на домашните миленици, тој е дециден дека кучињата и мачињата не можат да пренесат КОВИД-19, освен механички, преку крзното, ако некој ги допира и потоа самиот случајно се пипне по носот, очите или устата.
 

Ознаки
Категорија