Без елементарно познавање на законските основи кои се однесуваат на безбедноста на храната, условите и начинот на контрола при нејзино производство, увоз и ставање во промет, но, пред се, без запазување на основните новинарски стандарди кои се однесуваат на објективното информирање, со објавениот текст ,,ЗAПЛEHETO MECO СЕ ПРЕПРОДАВА ПО ПИЉAPИ: Гpaнични инcпekтopи зaплeнyвaaт пpoизвoди кои потоа ги пpeпpoдаваат во свои дуќани”, интернет порталот infomax.mk, во јавноста пласира лаги и невистини за работата на граничните инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Дрско, неаргументирано, затскривајќи се зад замислен идентитет на наводни превозници, авторот на текстот манипулира со јавноста, неосновано обвинувајќи ги инспекциските служби за нестручно работење при земањето на мостри и контролата на производите кои се увезуваат во земјава, но и за криминал. Ја известуваме јавноста во интерес на објективното информирање, дека производите од животинско потекло, како што е наведено во текстот, не подлежат на контрола од официјалните ветеринари при извоз, туку станува збор за редовна процедура која се спроведува исклучиво при увоз на оваа категорија производи во земјава.
Агенцијата за храна и ветеринарство е одговорна институција кон граѓаните и бизнис заедницата и посветено, по наjвисоки светски стандарди работи на контролата на безбедноста на храната, од домашно производство и од увоз. До Агенцијата за храна и ветеринарство, од страна на операторите со храна, увозниците или транспортерите, досега не е поднесена ниту една претставка за несовесно работење на инспекциските служби на граничните премини, ниту за официјалните ветеринари, ниту за инспекторите за храна.
Ги повикуваме увозниците, транспортерите или било кои други бизнис оператори, доколку имаат сознанија за несовесно работење на инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство, без колебање тоа да го пријават во Агенцијата за храна и ветеринарство, Основното јавно обвинителство, Министерството за внатрешни работи или во Инспекцискиот совет.
За вака изнесените невистини во објавениот текст, со кој неосновано се оцрнува работењето на инспекциските служби и се манипулира со објективноста, против авторот на текстот А. Митовски, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе поднесе соодветна пријава до надлежните судски органи.