Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Изменетата мерка за набавка на високогенетски грла дава позитивни резултати

25.12.2019
Изменетата мерка за набавка на високогенетски грла дава позитивни резултати

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски и првите луѓе на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов и Николче Бабовски од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, денес во битолското село Логоварди направија обиколка на објектот каде во карантин се чуваат 159 јуници набавени преку мерката 1.2.1 од Програмата за рурален развој.

 


Проактивниот пристап во креирање на мерките заедно со сточарите дава резултати. Оваа година направивме промени при аплицирањето за мерката 1.2.1 за набавка на приплоден добиток, односно во овој случај за набавка на високо педигрирани јуници со добар генетски потенцијал. Тука влегуваат и овчарството и козарството. Преку оваа мерка, 1.600 јуници ќе бидат увезени од Германија, Унгарија, Чешка и други земји, од каде самите земјоделци одбраа да ги увезат. Мерката дава позитивни резултати. Оваа година ќе се потрошат близу 2,5 милиони евра кои ќе бидат вложени од страна на државата преку Програмата за рурален развој, а исто толку средства ќе бидат вложени и од страна на самите сточари за да се добие добар генетски потенцијал, да го спречиме падот, да  направиме пресврт и да преминеме во фаза на развој на сточарство – рече министерот Димковски во Логоварди. 
Следна фаза, додаде тој, ќе биде како да се одржи овој генетски потенцијал за да го имаме во идните години, бидејќи тој е во насока на идно зголемување на количеството на млеко и подобрување на неговиот квалитет. Со ваквите мерки и проактивниот пристап, истакна Димковски ќе продолжи да се работи и во иднина.

Очекуваме за следната година да ги продолжиме разговорите со сточарите, пред се со подсекторските групи. Имаме извонредна соработка и со откупувачите, со поголемите млекарници во државава, кои исто така беа заинтересирани и на нивно инсистирање ја креиравме ваквата мерка, се со цел, очекуваните резултати да бидат насочени кон сите. Сточарите да добијат грла со добар генетски потенцијал, интересот на државата е да го зголемиме сточарството и да ги задржиме земјоделците во своите региони, секако млекарниците да добијат поголеми количини и поквалитетно млеко – потенцира Димковски.


Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, преку воспоставениот интегриран систем за контрола, Агенцијата за храна и ветеринарство ги реализира клучните приоритети за обезбедување на највисоките стандарди за безбедност на храната,храната за животни и за здравствена заштита и благосостојба на животните. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов посочи дека карантинот е мерка која се спроведува на светско ниво по сите меѓународни стандарди во интерес на заштита на здравјето на  животните и на луѓето.


Со спроведување на интегрираниот систем на контроли од фарма до трпеза, Агенцијата овозможува на пазарот да се пласира безбедна храна. За времетраење на карантинот се врши утврдување на ефикасноста и ефективноста  на спроведувањето  на мерките за надзор врз животните кои се увезуваат во земјава, а кои вклучуваат мерки на изолација и набљудување на животните, а по потреба и тестирање на животните на присуство на одредени болести, следејќи ги најсовремените стандарди за здравствена заштита и благосостојба на животните – рече Атанасов. 

 

Изменетата мерка за набавка на високогенетски грла дава позитивни резултати


Со измените на мерката 1.2.1 резултатите се веќе видливи. Годинава со измените на програмата кои беа во интерес на фармерите, според Николче Бабовски директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, сточарите потпишале вкупно 68 договори во вредност од 135,5 милиони денари. Ќе се увезат 1.460 елитни грла говеда, како и 1.133 грла овци.


Овозможуваме формирање на матични стада со висок генетски потенцијал – изјави Бабовски.Во карантинот во Логоварди моментално се сместени 159 јуници, што претставува само дел од планираната набавка за која се очекува во целост да се реализира до крајот на јануари 2020 година.


Политиките за развој на земјоделството кои МЗШВ успешно ги реализира ќе придонесат нашите сточари да ги зголемуваат матичните стада, со добиток со висок генетски потенцијал, а тоа ќе се зголеми количината на сурово млеко - потенцира министерот Димковски.


Драган Илиевски, директор на суровина во млекарницата “Бимилк” изјави дека за многу брзо време ги очекуваат придобивките од овој проект.
 
 
 
 

Ознаки
Категорија