Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Поставен камен темелник на земјоделско-сточарскиот комплекс „Голд ленд“

23.12.2019
Поставен камен темелник на земјоделско-сточарскиот комплекс „Голд ленд“

Во близина на прилепското село Славеј денеска беше поставен камен-темелник на земјоделско - сточарскиот комплекс „Голд ленд“, наменет за примарна обработка на земјоделски производи, во чии рамки ќе биде изградена и современа фарма на говеда со годишен капацитет од преку 1.000 грла. Станува збор за македонско - германска инвестиција на групацијата „Везе шари“ во вредност од 4,5 милиона евра, од кои 1,5 милиона евра  се обезбедени преку ИПАРД 2 програмата. На поставувањето на камен темелникот присуствуваа Премиерот Зоран Заев, заменик - премиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за земјоделство Трајан Димковски, амбасадорите на Европската Унија и на Германија во земјава, Самуел Жбогар и Томас Герберих, првите луѓе на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски и голем број стопанственици.


 

2

 

Ова е мал придонес да се донесе Европа во земјава, да се обезбеди земјоделско - сточарски развој, да се намали увозот на говедско месо, но и да се отворат нови работни места, да се оформи регионален центар за откуп и складирање на земјоделски производи. Комплексот треба да биде готов до крајот на наредната година.Освен производството на примарни земјоделски производи, зрнеста храна и силажа, со проектираниот модел предвидена е изградба на Центар за откуп и за складирање зрнести култури, кој ќе прерасне во регионален и ќе се овозможи загарантиран пласман на производите на земјоделците кој ќе биде ставен во функција за пет месеци, а до крајот на 2020 година ќе се заокружи целиот комплекс „Голд ленд“ – истакна Арбен Абдурахмани, еден од двајцата сопственици на новиот земјоделско – сточарски центар, чиј камен темелник беше поставен денес во прилепското село Славеј.


Во рамките на овој проект, додаде Абдурахмани, ќе биде изградена најсовремена фарма која ги задоволува највисоките европски стандарди за одгледување и гоење на говеда со годишно производство на 1.080 грла во првата фаза.

Косопственикот на „Голд ленд“, Херман Хемлер нагласи дека е битна поддршката на институциите.


Ме радува многу што сме овде да започнеме уште една инвестиција во Република Северна Македонија. Тоа е возможно само со поддршката што ја добиваме со нашите пријатели овде, рече Хемлер.


За премиерот Зоран Заев оваа инвестиција има повеќекратно значење и големи придобивки, особено што има рекордно ниво на искористеност од ИПАРД средствата.


Задоволство е да се покаже дека македонско - германските инвестиции преку европските фондови се реализираат во сите региони од земјава. Ова ја прави Република Северна Македонија единствена, сплотена со Европската Унија преку ИПАРД програмата. Ова е најголема инвестиција од мерката 1, суштествен капацитет кој ќе се гради. Ова е значајно од повеќе аспекти. Не само што е значајна гринфилд инвестиција во земјава, значајна е што се отвораат работни места и значајно е што досега државата е нето - увозник на говедско месо, а сега ќе имаме домашно производство за нашиот пазар. Инвестицијата е важна зашто е симбиоза на големото пријателство со Германија. Трговската размена со Германија од преку четири милијарди евра значи дека стоки за три милијарди евра извезуваме за Германија, а за една милијарда увезуваме, зашто имаме големи инвестиции во земјава. Оваа инвестиција ја испраќа пораката до младите дека дома има услови за развој, за прогрес, да се вратат дома. Освен тоа значи дека водиме грижа за рамномерниот регионален развој, вклучувајќи го и прилепскиот регион. Битно е што државата ги поддржува овие инвестиции, а од друга страна имаме огромна искористеност на парите од Европските фондови, посебно ИПАРД програмата. Значајно е што има пораст на бруто домашниот производ, развој на економијата, отворање нови работни места. Апелирам до сите кои имаат идеи, проекти, да ги реализираат, рече Заев.


 

2

 

Заменик премиерот за европски прашања Бујар Османи смета дека ова е успешна стопанска приказна.

Овој проект е успешна приказна која произлегува од синергијата на една добра идеја и европски пари. Како национален координатор на ИПА средства, уверувам дека околу 60 милиони евра се достапни за оваа програма од вкупно 1,2 милијарда евра кои ЕУ ги дава во периодот од 2007 до 2020 година и тоа се неповратни средства, рече Османи.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, оваа инвестиција е поттик за други проекти за развој на локалната економија, а општината работи на 32 детални урбанистички планови во толку населени места.
Николче Бабовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го нагласува историскиот момент на државава зашто првпат не враќаме пари за неискористеност на фондовите и државата не плаќа казни.

Оваа инвестиција е најголема од мерката 1. Вкупната инвестиција е 4,5 милиона евра, прифатливите трошоци од ИПАРД програмата се 2,5 милиона евра, а повратот, рекордно за оваа мерка, ќе биде 1,5 милиона евра на крајот на инвестицијата. Во изминатиов период како држава покажавме дека имаме институционален капацитет за средствата од ИПАРД програмата да создаваме модерни капацитети кои може да ги достигнат европските стандарди. Ова е историски момент за Република Северна Македонија, бидејќи првпат не враќаме пари и државата нема да плаќа казни за неискористени средства од европските фондови, туку ќе бараме повеќе пари од ЕУ за реализација на што повеќе вакви успешни проекти, кои ќе го развиваат домашниот агросектор. И дека сме на вистинскиот пат, говорат податоците: во овој момент преку Агенцијата се склучени 1.441 договор по сите мерки во вредност од 32,2 милиона евра. До овој момент државава искористи 40 проценти од вкупните расположливи средства од ИПАРД 2 програмата за само 2,5 години. Инаку, од денеска тече најавата за нов повик од ИПАРД програмата за мерката 1 за инвестирање во материјални средства на земјоделските стопанства, објасни Бабовски.


 

3

 

Министерот за земјоделство Трајан Димковски смета дека државава станува препознатлива по искористеноста на ИПАРД средствата.

Инвестициите во фарми и во преработувачки капацитети се наш важен приоритет, бидејќи истовремено обезбедуваат суровина и сигурен пласман за македонските земјоделски производи, решавање на проблемите со вишокот, а од друга страна овозможуваат создавање на конкурентни производи со додадена вредност. Со цел зголемување на искористеноста на мерките од ИПАРД, воведовме мерка а предфинансирање, со која сопственото учество на инвеститорот се покрива од националниот буџет. Република Северна Македонија веќе станува препознатлива по ефикасното искористување на ИПАРД во споредба со земјите од регионот и кандидати за членки во ЕУ. Досега кај сите апликанти кои ги завршија целосно своите инвестиции од претходните повици направивме поврат од 12,4 милиони евра, тоа е свеж капитал во домашната економија. Само преку модернизација на домашниот агросектор може да се достигнат европските стандарди, да се создаваат конкурентни производи, да се зголемува домашното производство, што позитивно ќе влијае врз севкупниот раст на бруто домашниот производ, рече Димковски.

 

4

 

Германскиот амбасадор Томас Герберих истакна дека Германија дава континуирана поддршка на земјава и за стопанска соработка и за прием во ЕУ.

Овие инвестиции ќе придонесат за солидна основа за понатамошни економски реформи и за создавање поттик населението да остане во земјава. Германија е најважниот трговски партер на Република Северна Македонија. Билатералната размена на крајот од годинава ќе достигне над четири милијарди евра и постојано расте. Освен тоа, повеќе од 200 претпријатија со германски капитал вработуваат повеќе од 20.000 лица од земјава. Може да ве уверам, како значаен партнер, Германија и понатаму ќе ве поддржува на вашиот пат кон просперитетна, но и зелената економија. Република Северна Македонија е дел од Европа и не заслужува ништо помалку од целосно членство во ЕУ и Германија ќе ве поддржува. Ве молам, продолжете со реформите и убедете ги сите кои би имале сомнеж дека вашето место е во ЕУ

рече амбасадорот Гербиерих на денешното поставување камен-темелникот на земјоделско-сточарскиот комплекс „Голд ленд“.
 

Ознаки
Категорија