Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Спречен увоз на свинско заразен со вирус на африканска свинска чума

10.10.2019
Спречен увоз на свинско заразен со вирус на африканска свинска чума

Во рамки на спроведувањето на превентивните мерки за спречување на појава и ширење на болеста африканска свинска чума, со задолжително земање на мостра од секоја увозна пратка свинско месо, без оглед дали таа потекнува од региони или земји кои се слободни од болеста Африканска свинска чума, Агенцијата за храна и ветеринарство детектира присуство на  вирусот на оваа болест во замрзнато свинско месо по потекло од Шпанија. Ова за медиумите денес го потврди директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов кој потврди дека за ова Агенцијата ќе ги извести Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ и Европската унија.


Станува збор за пратка со 21.312 тони замрзнато свинско месо, по потекло од Шпанија, земја во која нема пријавено присуство на болеста африканска свинска чума. Во земјава месото е увезено преку граничниот премин Деве Баир, од соседна Бугарија, од регион во кој исто  така не е потврдено присуството на болеста. Целокупното количество месо не е пуштено во промет и се наоѓа во магацините на увозникот. Согласно безбедносните протоколи на Агенцијата за храна и ветеринарство, во текот на денов, месото ќе биде нештетно уништено на депонијата Дрисла


– изјави Атанасов. 


Досега, ниту во една испитана мостра од застреланите диви или од питомите свињи, како ниту во увозните пратки со свинско месо кое се пласираат на македонскиот пазар, додаде тој, не е утврдено присуство на овој вирус. Состојбата со болеста во соседството и во другите земји каде е потврдено нејзиното присуство од страна на Агенцијата будно се следи на дневна основа и доколку има нејзина појава и кај нас, Агенцијата навремено ќе реагира и ќе ја информира јавноста. Африканската свинска чума не е болест која е опасна за луѓето, но, е високо заразна за дивите и домашните свињи. Болеста брзо се шири и предизвикува големи економски штети и загуби во свињарството, болеста не се лекува  и за неа не постои вакцина. 


Апелираме граѓаните кои патуваат да не внесуваат храна од животинско потекло во земјава - месо и производи од свинско месо, преку кои може да се внесе болеста и кај нас

– истакна Атанасов и додаде дека на сила се и забраната за чување на свињите на отворено, забраните од Агенцијата за храна и ветеринарство за увоз и транзит на свињи, производи и нус производи од свинско месо од земјите и регионите  каде е потврдено присуство на болеста. Во тек е депопулацијата на свињи во селските домаќинства кои не ги исполнуваат биосигурносните мерки, а во тек е и отстрелот на дивите свињи –заклучи тој. 

Ознаки
Категорија