Првиот човек на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, во придружба на градоначалникот на Берово Звонко Пекевски, вчера вечер одржа средба со жителите на беровското село Двориште. Поради актуелната состојба со болеста африканска свинска чума во соседството и регионот и мерките кои ги презема државава за спречување нејзино појавување и кај нас, на жителите од ова населено место, директорот Атанасов им објасни дека болеста засега не е присутна кај нас, но, дека државата презема конкретни мерки за да се елиминира можноста од нејзино појавување.
Бидејќи станува збор за исклучително штетна болест по сточниот фонд и предизвикува големи загуби, важно е рече тој на средбата, инстиутуциите, но и фармерите и индивидуалните одгледувачи на свињи да преземат конкретни мерки за да се спречи нејзината појава и ширењето.
Тој на жителите на Двориште им ги презентираше основните биосигурносни мерки кои треба да бидат преземени на одгледувалиштата со цел превенција, односно спречување на појава на болеста и нејзино ширење. Во излагањето, акцент беше ставен и на мерките кои ги наложуваат Владата на Република Северна Македонија и Агенцијата за храна и ветеринарство. Детално беше објаснета мерката за депопулација на дивите и свињите во одгледувалиштата, во селските домаќинства кои не ги исполнуваат основните биосигурносни мерки, а кои свињите ги одгледуваат исклучиво за сопстевни потреби.
Болеста, не е опасна за човековото здравје, потенцира директорот, но, предизвикува големи економски штети.
Пред присутните директорот Атанасов ја објасни историјата на болеста африканска свинска чума, начините за нејзино пренесување и сетовите на мерки кои се преземаат во светски рамки за да се спречи нејзината евентуална појава и ширење.