Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Со соработка и размена на искуства до eфикасно справување со болеста африканска свинска чума

11.09.2019
Со соработка и размена на искуства до eфикасно справување со болеста африканска свинска чума

Земјите од Југоисточна Европа, особено балканските, значително да го подигнат нивото на свесност за болеста африканска свинска чума и да преземат соодветни иницијативи за решавање на ситуацијата, а европските земји да вложат напор и да обезбедат транспарентност, доверба и споделување информации за државите во однос на состојбата со болеста.

Со цел ефикасно спречување и контрола на ширењето на болеста, потребно е да се засили координацијата и соработката на државите, вклучително и прекуграничната иницијатива, да се даде поддршка на ветеринарните власти во сите земји и да се работи на развивање на кампањи и стратегии за подигнување на јавната свест и комуникација со ризик. Ова се дел од препораките од четиринаесеттиот состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска свинска чума во Европа, која под покровителство на  Глобалната рамка за прогресивна контрола на болестите на животните - GF TADS, се одржа вчера и денес во Софија, Република Бугарија.

Министерката за земјоделство, храна и шумарство на Република Бугарија, Десислава Танева изрази благодарност до европскиот комесар за здравство и безбедност на храната Витанинис Андриукитис и генералниот директор на Светската организација за здравјето на животните (ОИЕ) Моник Елоит за нивната помош во справувањето со болеста во Бугарија.

На состанокот учество зедоа претставници од повеќе од 20 држави, а Република Северна Македонија ја претставија министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и првиот човек на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.

Учесниците ја разгледаа состојбата со болеста африканска свинска чума во Европа, регионот и пошироко, а од страна на претставниците на секоја од земјите учеснички беше презентирана состојбата со болеста и мерките кои се преземаат за спречување на нејзина појава, сузбивање и ширење. Бидејќи африканската свинска чума како заразна и смртоносна болест за домашните и за дивите свињи, во моментов, како што беше констатирано н состанокот, таа претставува паневропски проблем, од ветеринарна и економска гледна точка. Затоа, заклучија учесниците, превенцијата, контролата и искоренувањето на болеста, сега се прашања од висок приоритет за секоја земја. Африканската свинска чума претставува сериозен ризик за целокупниот земјоделски сектор во Европа, а неодамнешното ширење на вирусот во Југоисточна Европа, според учесниците, е сериозна закана и за балканските земји.

 

sorabotka 2

 

Поради овие причини, подготвеноста за справување со африканска свинска чума, заклучија учесниците, сега е од најголемо значење и бара развој на заедничка стратегија на регионално и под - регионално ниво. Приоритетните активности со соседните земји треба да се дефинираат на принципот на соработка, преку спроведување на засилени контроли на границите, подигнување на јавната свест за болеста, зајакнување на надзорот, подигнување на повисоко ниво на биосигурносните мерки, ловните практики и управувањето со дивите свињи. Во заедничкото делување, како што беше истакнато, неопходно е да се донесат долгорочни решенија и во нивното креирање да се вклучат сите засегнати страни.


Одржувањето на овој состанок за Република Северна Македонија, како држава во која што се уште не е регистрирана болеста, е од исклучително значење, во период кога таа зема се поголем замав во регионот. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ ) подолг период внимателно ја следи состојбата во однос на појавата и ширењето на болеста во регионот и во Европа. Заради депопулација на питомите свињи од одгледувалиштата кои не ги исполнуваат биосигурносните мерки, Министерството преку Програмата за финансиска помош воведе мерка за поддршка во висина од 50 евра по грло свиња. Оваа поддршка ќе ја добијат фармерите за секоја заклана свиња од фарми кои што немаат воведено основни биосигурносни мерки. Агенцијата за храна и ветеринарство веќе склучи договор со претставниците од месната индустрија за да го преземање на месото.

– рече министерот Трајан Димковски.


По добивањето на информацијата за појава на болеста африканска свинска чума кај свињите во соседна Бугарија, МЗШВ, додаде тој, во јули донесе решение за одобрување на ловење на дивеч под заштита односно на диви свињи, поради следење на здравствената состојба на животните и спречување на појава и ширење на болеста, и тоа 60 дена пред законскиот рок. Целта за носењето на ова решение, рече Димковски,  е да се намали густината на популациите на дивите свињи, со што ќе се намали и ризикот за појава и ширење на оваа заразна болест во Република Северна Македонија.


Отстрелот е во тек и се очекува да добие на интензитет во следниот период. На сила е  забраната за држење на свињи на отворено, зајакнати се контролите на граничните премини од страна на Царинската управа во однос на проверка на личниот багаж и се врши одземање на производи од животинско потекло. Донесена е забрана за населување на диви свињи во ловиштата согласно планските документи и развојните програми, воведена е забрана за зимска прихрана во ловиштата, а преку медиумски кампањи се јакне јавната свест за болеста и опасноста од неа

- објасни Димковски.


Комесарот Андреукитис истакна дека ЕК подготвува документ за болеста африканска свинска чума кој ќе биде доставен на одобрување од сите земји -членки во рамки на Советот за земјоделство и риболов на ЕУ. Тој потенцира дека е важно во борба со болеста сите да дејствуваат заедно - извршните власти, земјоделците и научната заедница.


Моник Елоит ја истакна важноста на строго придржување кон мерките за контрола на болеста со оглед дека за неа засега не постои вакцина.
 

Ознаки
Категорија