Појавата на антракс не е ништо ново, ниту невообичаено. И досега во земјава болеста била регистрирана. Присутна е тука со децении. Нема потреба да се шири паника и да се сее страв кај граѓаните, а уште помалку да се прави сензација, порача на денешната прес конференција директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов. Тој нагласи дека нов случај на антракс кај животните нема, а нема ни заразени луѓе.
Во селото Долно Строгомиште, општина Зајас, вкупно девет мрши од овци се уништени, спалени и нештетно отстранети. Кај уште четири угинати овци се уште се вршат анализи за потврда на болеста.
-Во земјава има 22 т.н. дистрикти во кои антраксот досега бил детектиран. И Долно Строгомиште сега спаѓа во оваа бројка од 22 области каде континурано се преземаат стандардните мерки што, меѓу другото, подразбира и задолжителна вакцинација најмалку 20 години, истакна директорот.
Сепак, и покрај вакцинацијата, додаде, не е исклучена можноста од појава на болеста.
-За последниот случај во Долно Строгомиште резултатите од лабораториските анализи беа готови на седми август. Веднаш се излезе на терен и се спроведоа вообичаените мерки. Сакам да потенцирам дека ситуацијата е стандардна, не е ништо вонредно. Не треба да се бара сензација во целата оваа работа. Болеста е присутна тука со децении. Не може за секој откриен случај да излегуваме и да објавуваме, подвлече Атанасов.
Тој објасни дека антраксот е болест која ја пренесува бактерија која создава спори кога ќе дојде во контакт со кислород. Спорогените форми на бактеријата се отпорни на надворешните влијанија и во почвата може да преживеат повеќе децении.