Вкупно 4536 инспекциски надзори од кои 3389 редовни, 316 контролни и 831 вонредни, спроведоа инспекторите за храна и официјалните ветеринари на Агенцијата за храна и ветеринарство во јуни годинава. За констатираните недоследности изречени се 510 инспекциски мерки, од нив 389 решенија за отстранување на недоследностите, 109 едукации за операторите со храна, 11 парични казни, а поднесена е и една прекршочна пријава.
Како небезбедна, во овој временски период само инспекциските служби на АХВ поништиле 611 килограми храна. Поништена небезбедна храна од страна на операторите не е пријавена.
Од храната која се увезува, официјалните ветеринари на граничните премини забраниле влез само на една пратка со храна од животинско потекло, во количина од 39 килограми. Во месец јуни нема поништени пратки со храна од увоз, ниту од животинско, ниту од неживотинско потекло.
За извоз на храна од неживотинско потекло истиот месец издадени се 313 сертификати, а за храна од животинско потекло, 243 сертификати за извоз.