Во рамки на активностите за подигнување на нивото на безбедносни мерки со цел спречување на појава и ширење на заразни болести кај животните, вклучително и на африканската свинска чума која е веќе присутна во соседна Бугарија, во Романија, Унгарија и голем број европски земји, Агенцијата за храна и ветеринарство набави опрема и инструменти за подобра подготвеност и ефикасност во случај на појава на особено опасни заразни болести кај животните.
Набавени се агрегати, рефлектори, рачни батериски ламби, товарна приколка, ленти и знаци за означување и оградување на заразени подрачја/зони, како и наменски канцелариска опрема и материјали. Опремата и материјалите ќе се користат од страна на тимовите за итни мерки и официјалните ветеринари при преземање на мерки за справување и спречување на ширење на болестите.
До официјалните ветеринари во подрачните единици на АХВ се врши дистрибуирање и на дел од опремата која неодамна, како донација ја доби Агенцијата за храна и ветеринарство од Европската унија, а е во насока на зголемување на унапредување на ефикасноста и ефективноста во работењето на инспекциските служби на Агенцијата.
По појавата на ново жариште на болеста Африканска свинска чума во областа Русе во соседна Бугарија, Агенцијата за храна и ветеринарство на повисоко безбедносно нивo ги подигна мерките за спречување на појава и ширење на оваа болест кај свињите и во нашата земја. Воведени се и дополнителни, зајакнати контроли од страна на официјалните ветеринари и од царинските службеници на личниот багаж на патниците кои влегуваат во земјава.
Засилени се и контролите на добиточните пазари каде се контролира движењето на добитокот, особено на свињите, како и во ловиштата. Со цел заштита од внесување на вирусот на Африканска свинска чума во нашата земја, на сила остануваат донесените забрани од Агенцијата за храна и ветеринарство за увоз и транзит на свињи, производи и нус производи од свинско месо од земјите и регионите каде е потврдено присуство на болеста.