Стручни лица од Агенцијата за храна и ветеринарство, за потребите на Царинската управа на Република Северна Македонија, во вторникот одржаа обука за спроведување на контроли при увоз и транзит на домашни миленици за некомерцијални цели и контрола на личниот багаж при влез во нашата држава. На обуката царинските службеници се запознаа со законските прописи за влез и транзит на домашни миленици, на кои категории животни се однесуваат процедурите, колкав број на единки може да се пренесат и кои документи треба да ги следат животните при увоз или транзит.
Како што е пропишано во европското законодавство, така и во нашата земја надлежноста за контрола на некомерцијално движење на домашните миленици припаѓа на царинската служба и покрај тоа што прописите и насоките за нивна имплементација ги донесува Агенцијата за храна и ветеринарство. Во оваа насока, од големо значење одржување на заеднички обуки, зајакнување на соработката помеѓу царинските службеници и официјалните ветеринари на граничните премини, како и поинтензивна размена на податоци и знаења во насока на правилно спроведување на контролите. Правилните контроли на домашните миленици на граничните инспекциски места ќе обезбедат поголема контрола на беснилото и спречување на внесување на оваа болест, како и други болести кои можат да се внесат преку домашните миленици на територијата на Република Северна Македонија.
Претставниците од Агенцијата детално ги објаснија и важечките законски и подзаконски акти за начинот на вршење на проверка и преглед на граничните премини на пратките од животинско потекло кои се внесуваат како личен багаж на патниците, а кои не се наменети за комерцијални цели односно се употребуваат лично за нивни потреби. Целта на донесување и имплементација на овие акти е во насока на спречување на внесување на болести преку личниот багаж кои се ризик по здравјето на луѓето и животните. Од тие причини, се забранува внесување на производи од месо и млечни производи, како и риба и производи од риба преку личниот багаж на патниците. Исклучок од овие производи се мали количини на храна за доенчиња, храна за миленици или храна за медицински цели која е дозволена да се внесе но, во количина до 2 килограми во личниот багаж на патниците.
Контролата на личниот багаж на граничните контролни места ја врши Царинската Управа, додека прописите за имплементација на овие активности ги носи Агенцијата за храна и ветеринарство.
Соработката за размена на знаења меѓу Агенцијата за храна и ветеринарство и Царинската управа ќе продолжи и во иднина.