Со авионско фрлање на вакцинални мамки почна пролетната кампања на Агенцијата за храна и ветеринарство за вакцинација на лисиците против беснило која ќе се реализира со финансиска поддршка од Европската унија. На целата територија на Република Северна Македонија, со исклучок на населените места, водените површини и високите планински врвови ќе бидат фрлени 500 илјади вакцинални мамки. Апелираме д граѓаните да внимаваат при движењето во природа и доколку најдат мамка никако да не ја допираат. Мамките се со кафена боја и наликуваат на чоколадни коцки. Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките е сместена пластична капсула во која се наоѓа течна вакцина која содржи ослабен вирус на беснило како и биолошки маркер – тетрациклин кој се користи за утврдување на успешноста на вакцинацијата.
Како одговорна институција апелираме мамката да не се допира, но, доколку сепак граѓаните дојдат во контакт со неа, неопходно е рацете да се измијат со голема количина сапун и вода, во траење од најмалку пет минути и задолжително веднаш да појдат на лекар.
Вакцината содржи ослабен вирус на беснило и е наменета исклучиво за имунизација на лисици. Вакцината не смее да се применува за имунизирање на домашните животни.
Миризбата од мамката може да ги привлече домашните миленици и тие да ја конзумираат мамката. До сопствениците на домашните миленици апелираме во периодот на текот на кампањата како и во период од две недели по фрлањето на вакциналните мамки, да не се дозволи слободно движење на кучињата и мачките во регионите каде се врши или е извршена вакцинацијата.
По реализација на вакциналната кампања против беснило, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе спроведе пост-вакцинален мониторинг заради контрола на успешноста на оралната вакцинација. Ги потсетуваме сопствениците на домашни миленици кучиња и мачки дека имаат законска обврска да ги вакцинираат животните против беснило, болест која во Република Северна Македонија за последен пат е регистрирана во 2012 година.