Врз основа на воспоставениот интегриран систем на контрола, со цел елиминирање на можнoста на пазарот да се пласира небезбедна храна, спречување на евентуални труења и инфекции и заштита на правата на потрошувачите, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во јануари годинава, спроведоа вкупно 5103 инспекциски надзори. Од нив, 3790 редовни, 488 контролни и 825 вонредни контроли.
Врз основа на извршените надзори, за констатираните недоследности, на операторите со храна изречени им се вкупно 534 мерки од кои, 391 решение за отстранување на недоследности, 131 едукација, изречени се 3 парични казни, дадени се 6 покани за порамнување со прекршочен платен налог и поднесени се 3 прекршочни пријави.
Во јануари, инспекциски служби на Агенцијата, извршија вонредна контрола и во 5 месарници и 6 угостителски објекти во Делчево каде беа констатирани недоследности кои се однесуваат на неправилно и нецелосно означување на производите, а при контролата затекнато било и месо кое немало здравствена ознака. Како небезбедни, нештетно се уништени 37 килограми од животинско потекло и 8.8 килограми свежо месо. За констатираните недоследности донесени се две решенија,изречени се 4 мерки едукација, извршено е едно порамнување со издавање на платен налог.
Агенцијата за храна и ветeринарство врши редовни инспекциски контроли на домашниот пазар и во сите фази на производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата на храна. Како најповикана институција за безбедноста на храната, инспекциските служби вршат надзор над операторите со храна во поглед на исполнување на општите и посебните услови за безбедност на храната и за заштита на правата на потрошувачите.
Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, граѓаните може да ја пријават во Агенцијата, лично, на бесплатниот телефонски број за потрошувачите 0800 3 22 22, или електронски на info@fva.gov.mk.