Презентација на законските барања и услови за регистрација и одобрување на објекти и оператори со храна за животни, со јасна дистинкција кој е предмет на процесот на регистрација, а кој на процес на одобрување, е темата на работилницата“Регистрација и одобрување на операторите со храна за животни”, која денес и утре во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство и инструментот за претпристапна помош на Европската Комисија – TAIEX, се одржува во Скопје. На работилницата учествуваат претставници од Агенција од Секторот за ветеринарно јавно здравје, Секторот за инспекциски надзор и официјални ветеринари.
На дводневната работилница ќе биде презентирана правната рамка за регистрација и одобрување на објекти за производство на животински нус производи кои се користат како храна за животни, како и законската рамка за производство, маркетинг и употреба на медицинирана храна за животни. Дел од обуката ќе биде посветен на примарното производство на храна за животни, вклучително и општите и посебните одредби за хигиена.
Една од целите на оваа работилница е запознавање на учесниците со моделите и барањата на ветеринарните сертификати кои што ја придружуваат пратката при увоз и извоз на храна за животни од и до трети земји.