Чума кај мали преживари

Што е чума кај мали преживари?


Чумата кај малите преживари (PPR) е вирусно заболување кај козите и овците кое предизвикува големи економски загуби.

 

Каде е застапена болеста?


Болеста е застапена во Африка, Арапскиот полуостров, Блискиот исток, југозападна Азија и Индија. Од земјите во регионот присутна е во Турција и во Бугарија.

 

Како се пренесува и шири чумата кај мали преживари?


Вирусот се излачува преку солзи, назален секрет, кашлање и измет од заразените животни.
Болеста се шири преку директен и близок контакт помеѓу животните, преку вдишување на честичките кои се ослободуваат во воздухот при кашлица и кивање на заразените животни. Водата, коритата за исхрана на животните и постелката, може да бидат контаминирани со секрети и да бидат дополнителни извори на инфекцијата.

Болеста почесто се појавува во текот на врнежливи периоди од годината но и во услови на суво и ладно време. Заразувањето кај приемчивите животни може да биде и 90-100%, а смртноста се движи помеѓу 50-100% и е особено изразен кај подмладокот.

 

Кои се клиничките знаци на болеста?


Болеста се манифестира со:

  • треска, тешка депресија и губење на апетитот појава на проѕирен до жолт назален секрет;
  • рани и отоци во устата, лезии на долното непце, забалото, тврдото непце, образите и јазикот;
  • инфекција и исцедок од очите;
  • дијареа (пролив), дехидрација и губење на тежина;
  • пневмонија (проблеми со дишење);
  • абортус кај гравидни животни;
  • смрт кај животните за 5 до 10 дена.

Периодот на инкубација трае од 4 до 6 дена или од 3 до 10 дена. Болеста најтешко се манифестира кај младите животни и кај козите повеќе во однос на овците.

 

Кои се ризиците по јавното здравје?

Луѓето не се приемчиви на вирусот и болеста.

 

Што се презема за спречување и контрола на болеста чума кај мали преживари?


Мерките за контрола и искоренување на болеста се:

  • забрана и контрола на движење на животните;
  • убивање и нештетно уништување на заразените животни;
  • чистење и дезинфекција;
  • вакцинација на животните.

Чумата кај малите преживари не се лекува!

 

ПРЕПОРАКИ

  • Одгледувачите веданаш да пријават до ветеринарните друштва и официјалните ветеринари доколку забележат појава на симптоми кај животните!
  • Доколку и кај едно животно се забележат симптоми на болеста, ниедно од животните не смее да го напушти тоа одгледувалиште!
  • Од одгледувалиштето не смее да се изнесуваат животните, производи од животинско потекло, опрема, измет и ѓубре!
  • Ветеринарните друштва да го зголемат нивото на претпазливост и веднаш да пријават до официјалниот ветеринар доколку забележат некои од симптомите кај животните!

 


 

Постери

 


Решенија