Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

До АХВ се поднесуват и бизарни претставки

23.10.2021
Агенција за храна и ветеринарство

Ми мириса во влез на печено месо и пржени компири, јастребот на соседот ми ги усмртува гулабите, да дојдете да го отстраните осилото од дрво во Градски парк зашто се плашиме и не можеме да се релаксираме, бездомните кучиња гласно лаат, не вознемируваат, не можеме да спиеме…

Ова се само дел од купот претставки што речиси секојдневно стигнуваат до Агенцијата за храна и ветеринарство.

Една од побизарните е случајот со пензионерка во Скопје, која преку интернет купила машина за везење од странска компанија. Ја платила со картичка 50 долари, но наместо тоа, во поштенско сандаче добила коверт со две платнени маски.

До АХВ стигнуваат и прашања од типот – дали и колку е здрав лебот „Тонус“, како влијае на цревната флора, дали јачменот предизвикува алергија, лебот што го купив е „жив“, не е допечен…

Според изјавата на директорот на АХВ, Николче Бабовски, дадена за МИА, ваквите прашања, претставки и жалби се должат, пред сé, на недоволната информираност на граѓаните за ингеренциите на институциите во државата.

Кога ќе речам институции, мислам и на локалната самоуправа и на агенциите и на дирекциите и на министерства, но, нормално, и на Владата. Странки да се жалат кај нас за машина за везење и за тоа да се поднесува претставка е навистина повеќе од бизарно. Но, има и претставки поврзани со фарми, животни или објекти за сместување добиток кои исто така, не се во наша ингеренција. Луѓето треба да знаат дека комунален проблем е на пример тоа, дали некаде ќе се изгради објект за сместување животни или нема да се изгради, дали ќе биде дивоградба или ќе има соодветно градежно решение, вели Бабовски за МИА и дополнува дека сепак, ниту една претставка или прашање не се фрла во корпа, туку се процесуира понатаму, до соодветната надлежна институција и притоа, граѓаните подносители се за тоа известени.


Во однос на животните на јавна површина, напоменува Бабовски, надлежност има комуналната инспекција.

 Комуналната инспекција треба да повика ветеринарен инспектор, доколку животното се залови. Нашата служба ја констатира неговата здравствена состојба и ако тоа некаде се упатува, во прифатилиште или на друго место за сместување, треба да издаде уреден сертификат за здравствената состојба. Значи, ние не сме тие што трчаме по животните за да ги заловиме. Тука е проблем веројатно неинформираноста кај граѓаните, вели директорот на АХВ.

Тој е дециден дека на интернет страницата на АХВ многу сликовито е објаснето како треба да постапат граѓаните во ситуација ако некој е, на пример, каснат од куче. Јасно е наведено и кого може да контактираат.

Меѓу тие сме и ние, односно соодветното ветеринарно друштво во регионот каде што настанало каснувањето. Најважно во ваков случај е дали животното е вакцинирано против беснило или не, тоа кај граѓаните е најбитно, покрај физичката и психичката траума што ќе ја доживеат. На нашата веб страницата е објаснето буквално целата процедура, истакнува Бабовски. 

Во однос на одговорното сопствеништво кон милениците, за жал, вели Бабовски, се уште не сме на посакуваното ниво.

Не би сакал да бидам погрешно разбран, но со здруженијата и воопшто со невладиниот сектор кој се грижи за здравјето и благосостојбата на кучињата и на други животни, треба да бидеме партнери. Наместо да поднесуваат неиздржани претставки до нас, да реагираат за одредени вдомувања или неисполнети услови на некои прифатилишта. Нека повелат заеднички да ја подигнеме свеста на граѓаните, нагласува Бабовски и додава дека некогаш има и оркестрирани напади врз некои правни субјекти. 

Оваа година се поднесени вкупно 331 претставка. Од нив, 181 се од областа на здравствената заштита и благосостојбата на животните од кои 84 директно се однесуваат на каснување од куче и на неодговорно сопствеништво. Останатите претставки се од ветеринарното јавно здравје и безбедноста на храната.

Лани, пак. АХВ евидентирала 416 претставки. Најголем број од претставките по кои е постапувано се од областа на ветеринарството, 158 претставки се однесуваат на здравствената заштита и благосостојбата на животните, а 131 на храна од неживотинско потекло. Најмал е бројот на претставки, 38, кои се однесуваат на храна од животинско потекло. 

Ознаки
Категорија