Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ ЗА ФАКТОР СО ДИРЕКТОРОТ НА АХВ, БАБОВСКИ

05.10.2022
Високите биосигурносни мерки на фармите – гаранција за елиминирање на африканската чума кај свињите

Високите биосигурносни мерки на фармите – гаранција за елиминирање на африканската чума кај свињите

Агенцијата за храна и ветеринарство, како надлежен орган, веќе трета година по ред е главен поддржувач на кампањата на ЕФСА, „СТОП за Африканската чума кај свињите“, која што има за цел да ја подобри информираноста и да ја зголеми свеста за оваа болест, како и да придонесе за подобра едукација на граѓаните и целните групи за важноста за превентивните мерки и активностите кои се преземаат за заштита од ширењето на оваа болест во засегнатите сектори (фармери, ловци и ветеринари).

За таа цел разговараме со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство.

 

Кој е актуелниот статус со Африканската чума кај свињите во државата?

Бабовски: Во јануари 2022 година Африканската чума кај свињите за прв пат беше регистрирана во Република Северна Македонија во две одгледувалишта од екстензивен тип во село Драмче, општина Делчево. Во период од март до јуни 2022 година болеста беше потврдена и кај дивите свињи во општината Делчево. Повторна потврда за присуство на болеста кај домашните свињи беше на 26.07.2022 година во населено место Моштица, општина Македонска Каменица, а во наредните денови болеста беше прошири и во селата Мојанци, Пресека и Тркање во општина Кочани, село Облешево во општина Облешево и село Виничка Кршла во општина Виница, во мала комерцијална фарма.

 

Од појавата на првиот случај досега, болеста африканска чума кај свињите е потврдена во општините Делчево, Македонска Каменица, Кочани, Виница, Чешиново - Облешево, Карбинци, Штип и Куманово.

Агенцијата за храна и ветеринарство ги презема сите заштитни и контролни мерки за спречување на ширењето на болеста со воспоставување на заштитна зона од 3 км околу потврдените жаришта и зона под надзор од 10 км, како и мерки во високо ризичната зона (каде припаѓаат сите општини во пограничната линија со Република Бугарија и Република Србија).

Во заштитната зона од три километри се спроведуваат мерки за депопулација (одземање, убивање и нештетно отстранување на свињите), а во исто време под надзор на официјалните ветеринари во оваа зона се врши и земање примероци за лабораториско испитување. Дадена е можноста, одгледувачите, кои имаат имплементирано висок степен на биосигурносни мерки на фармите/одгледувалиштата од оваа зона, свињите економски да ги искористат, односно да ги заколат во кланица, која за тоа има склучено договор со Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во зоните од 10 километри, согласно донесените решенија, свињите се носат за економско искористување, исто така во кланици со кои АХВ има склучено договори. И во оваа зона постои можност одгледувачите, кои чуваат по неколку свињи, животните да ги заколат за сопствени потреби, но, под надзор на официјален ветеринар и со лабораториско тестирање со кое ќе се потврди дека животното не било заболено од африканска чума кај свињите. 

Во исто време важно е да се напомене дека за лабораториско тестирање се испраќаат примероци од пасивниот надзор (од угинати домашни и диви свињи) со цел утврдување на циркулација на вирусот во други комерцијални фарми.

Други позначајни мерки кои се спроведуваат се вонредниот попис на сите свињи во одгледувалиштата и клиничките прегледи на свињите.

Земајќи во предвид дека дивите свињи имаат многу важна улога во епидемиологијата на болеста, од 01.09.2022 година се врши засилен отстрел на диви свињи, независно од бројот на дозволениот острел определен со ловостопанските основи за секое ловиште.

 

Имајќи предвид дека оваа година има појава на неколку жаришта на АЧС во нашата држава, кои активности до сега ги има спроведено АХВ и кои активности се планирани за во иднина?

Бабовски: Уште пред да се појави болеста во нашата држава, Агенцијата за храна и ветеринарство почна со преземање активности во насока на минимизирање на можноста од појава на Африканската чума кај свињите. Дел од активностите кои започнаа да се спроведуваат се воведување на задолжителни биосигурносни мерки на сите свињарски фарми, активност која е почната уште во 2018 година. Дополнително на тоа, воведени беа задолжителни клинички прегледи на одгледувалиштата со свињи, издадена беше наредба за отстрел на диви свињи, а спроведени се и голем број на едукации, на официјалните ветеринари, ловните друштва и на одгледувачите на свињи, со цел полесно препознавање на болеста итн.

По појавата на првото жариште на Африканската чума кај свињите, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за движење на свињи, нештетно отстранување на свињите, кои се наоѓаат во радиус од 3км на заразеното подрачје и депопулација на свињите, кои се наоѓаат во радиус од 10км од заразеното подрачје. Мерките за депопулација не се однесуваат на големи комерцијални фарми со свињи, кои имаат воведено висок степен на биосигурносни мерки.

Со појавата на жариштата на АЧС во земјава, Агенцијата за храна и ветеринарство ги мобилизираше сите свои релевантни служби со цел непрекинато и непречено да се извршуваат активностите на терен со цел колку што е можно повеќе да се намали можноста од појава на нови жаришта и ширење на Африканската чума кај свињите.

 

Веќе трета година по ред АХВ е главен поддржувач на кампањата на ЕФСА „Стоп за АЧС“. Колку кампањата и АХВ со својата улога во истата, има удел во зголемувањето на свеста за оваа болест и информирањето и едукацијата за важноста на превентивните мерки и заштита од ширење?

Бабовски: Агенцијата за храна и ветеринарство како национална контакт точка за Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА) е главен поддржувач на кампањата за подигнување на јавната свест за болеста Африканска чума кај свињите (АЧС), која во моментов ЕФСА, веќе трета година по ред, ја спроведува во соработка со надлежните органи на земјите во фокус (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Косово, Латвија, Литванија, Црна Гора, Македонија, Полска, Романија, Србија, Словачка, Словенија). Целна група на оваа фаза од кампањата се одгледувачите на свињи, ветеринарите и ловците, а оваа година, ЕФСА ќе спроведе серија нови „пилот активности“ во четири земји - Бугарија, Полска, Романија и Србија - каде што ситуацијата со АЧС е особено сериозна.

Кампањата „Стоп за Африканската чума кај свињите“, е дел од тековните напори на Европската комисија и други меѓународни тела со цел спречување на ширењето на АЧС во ЕУ и соседните земји.

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија неколку години наназад, спроведува голем број превентивни мерки како што се подигнување на биосигурносните мерки на свињарските фарми, воспоставување на мониторинг на присуство на Африканска чума кај дивите свињи, изготвување апликација за пријавување на угинати диви свињи.

Реализирани се и голем број едукации на фармерите, ловните друштва, подготвени и испечатени се прирачници за болеста наменети за официјалните ветеринари, ветеринарните друштва и комерцијалните одгледувачи на свињи, кои ја интензивираа соработката и со помалите производители и одгледувачи на свињи. Извршена е и категоризација на свињарските фарми во однос на степенот на ризик и имплементираноста на биосигурносните мерки на фармите и идентификација на свињите.

 

Faktor - Intervju

 

Постои ли и каква е соработката на АХВ како носител на активностите за справување со африканската чума кај свињите со другите државни институции, со невладиниот сектор и со сточарите?

Бабовски: Уште од 2017 година кога светот почна сериозно да се соочува со оваа болест кај свињите, Агенцијата за храна и ветеринарство започна со спроведување на превентивни мерки.

Интензивирана е и соработката со невладиниот сектор, со националните паркови и другите државни органи, во насока на размена на податоци и информации. Организирани се обуки и за царинските службеници, кои вршат контрола на личниот багаж на патниците, кои влегуваат и транзитираат низ нашата земја, со цел спречување на внесување на месо и производи од месо преку кои може да се пренесе вирусот на Африканската чума кај свињите, а засилени се и контролите при увоз на оваа категорија производи. На сила е забрана за увоз и транзит на свињи, производи и нус производи од свинско месо од земјите и регионите каде е потврдено присуство на болеста.

Дополнително, зајакната е соработката и со невладиниот сектор: Ловечка федерација, претставници на здруженијата на одгледувачи на свињи, но и со здруженијата на големите комерцијални фарми, кои се организирани преку групациите во стопанските комори, како и со  националните паркови и другите државни органи, во насока на размена на податоци и информации. Агенцијата за храна и ветеринарство спроведе неколку состаноци заради дефинирање на насоките, како на ниво на државни органи, така и од аспект на приватен сектор, за спречување на ширењето на болеста.

Со цел да се подобри меѓуинституционалната координација при справување со болеста како и следење на спроведувањето на мерките и активностите за сузбивање на ширењето на Африканската чума кај свињите, Владата на Република Северна Македонија во август 2022 година донесе одлука за формирање „Координативно тело за подобрување на институционалната координација за преземање на мерки за справување со Африканската чума кај свињите“. За претседател на ова координативно тело сум назначен јас како директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, а освен АХВ во ова тело, свои претставници имаат и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје, Земјоделскиот факултет од Штип, Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Северна Македонија, Ветеринарната комора, Државниот инспекторат за земјоделство, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Царинската управа, ЈП за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“, Ловечка федерација, Здружението на одгледувачи на свињи „Гицко“ и Здружението на одгледувачи на свињи „Македонско прасе“.

На првата седница на Координативното тело се донесе заклучок Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во најкус можен рок до Владата да предложат формирање на Интервентен наменски фонд со предлог буџет, со цел брзо и навремено спроведување на мерките за контрола и искоренување на африканска чума кај свињите. Ловечката федерација да преземе мерки за итна максимална депопулација на дивите свињи како резервоар на вирусот на болеста, на територијата на целата земја, според акционен план дефиниран меѓу МЗШВ и АХВ, со посебен приоритет на регионите, кои граничат со регионите под заштита и надзор, во временски период од 01.09.2022 до 30.04.2023 година. Паралелно со засилениот отстрел да се врши и пребарување на теренот за пронаоѓање на угинати диви свињи.

Во справување со болеста која се појави во земјава во јануари годинава користевте ли искуства од трети земји во справувањето, или имавте подготвено насоки по кои се раководевте во преземањето на мерките.
Бабовски: Искуствата на странските земји во справувањето со болеста се добредојдени, но, секогаш е најдобро, познавајќи ги состојбите во сопствената земја да креирате и сопствен национален патоказ за справување со болеста. Во периодот од појавата на болеста Африканска чума кај свињите, АХВ реализираше работни состаноци со експерти од меѓународните институции како што е Организацијата за храна и земјоделство (ФАО) и експерти од ветеринарниот тим за итни случаи на Европската комисија (EUVET), обучени за ефикасно справување при првична појава на болести кај животните.

Експертите од EUVET ги споделија искуствата со справување на појавата на болеста во нивните земји, со акцент на справување со болеста на малите фарми и дивата популација на свињи како резервоар на болеста, како и давање на препораки за подобрување на биосигурносните мерки, надзор на популацијата на диви свињи, подигање на свеста кај одгледувачите итн.

Подготвен е и План за итни мерки и оперативен прирачник за справување со Африканска чума кај свињите, воведени се засилени мерки и контрола и на добиточните пазари во земјава. Од страна на официјалните ветеринари се вршат засилени контроли на движењето на свињите и спроведувањето на клиничките прегледи на одгледувалиштата со цел рана детекција на болеста. Во постојана комуникација сме со меѓународни експерти и експерти од земјите во соседството со цел размена на искуства и докажани најдобри практики во насока справување со болеста и спречување на ширењето на истата.

 

Какво и колкаво е влијанието од појавата на болеста во овој момент во државата од економски аспект? Дали и колку веста за ново жариште, влијае врз куповните одлуки и продажба на свинско место на македонскиот пазар?

Бабовски: Од економска гледна точка, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжи со исплата на сточарите за одземените и уништените свињи и разликата во пазарната цена на свињите, кои се заклани за економско искористување. Континуирано ќе продолжи процесот на попис на свињите во општините, кои се прогласени за зони под заштита и зони со под надзор, но и на сите соседни општини, а итна депопулација согласно заклучоците, ќе треба да се спроведе на сите одгледувалишта во радиус до 10 километри околу големите свињарски фарми, доколку не ги задоволуваат високите норми на биосигурност.

Факултетот за ветеринарна медицина и Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ, во соработка со сите засегнати чинители, а особено АХВ, МЗШВ со соодветните служби, Ловечка Федерација, Ветеринарната комора и здруженијата за свињарство и други, ќе изготват Стратегија со конкретен акционен план за долгорочно справување со африканската чума кај свињите во наредните 5 до 10 години.

 

Дали постојат информации за производство на вакцина за овој смртоносен вирус?

Бабовски: Во овој момент, фармацевтската индустрија сè уште нема произведено вакцина против вирусот на Африканската чума кај свињите и поради тоа од исклучителна важност е акцентот да се стави на континуирано и засилено спроведување на превентивните мерки со цел да се запре ширењето на оваа смртоносна болест.
 

 

Faktor Intervju 1

 

Ознаки
Категорија