Кампања за подигнување на јавна свест за подобрување на квалитетот на сурово млеко во примарното производство

СУРОВО МЛЕКО е млеко добиено како производ при секреција на млечната жлезда кај фармски одгледувани животни, кое термички не е третирано на температура повисока од 40°С или не подлежело на друг третман кој би имал еквивалентен ефект.

Суровото млеко што се става во промет во зависност од видот на животното од кое е добиено покрај својствениот мирис, вкус и боја треба да ги исполнува минималните барања за квалитет по однос на содржината на масти, точка на мрзнење, безмаслена сува материја, белковини, специфична тежина и титрациона киселост.

Суровото млеко се класира во екстра, прва и втора класа според содржината на протеини, содржината на масти, вкупниот број на микроорганизми и соматски клетки. Класирањето на сурово млеко се врши со земање и анализирање на примероци при откупот непосредно по молзењето, или со земање на примероци од чувано сурово млеко. Примероците за анализа на протеини и масти се земаат најмалку двапати месечно, а за вкупниот број на микроорганизми и соматски клетки најмалку еднаш месечно.

Владата на Република Северна Македонија донесе акционен план за категоризација на сточарски млечни крави врз основа на ризик за подобрување на квалитетот на сурово млеко.

Целта на Планот е да обезбеди промоција на квалитетот на сурово млеко и усогласеност со релевантното законодавство на ЕУ, во поглед на критериумите за бројот на микроорганизми и соматски клетки и хигиенските барања што треба да ги добијат одгледувалиштата на млечни крави во согласност со Регулативата 2004/853 / ЕЗ и Регулативата 2004/854 / ЕЗ, која е транспонирана во националното законодавство.

Суровото млеко наменето за преработка во објекти, треба да доаѓа од регистрирани и контролирани одгледувалишта, кои ги задоволуваат хигиенските барања утврдени во законските и подзаконските одредби.

Согласно законските одредби, операторите со храна, односно примарните производители на млеко, можат да стават во промет сурово млеко, единствено ако е подготвено и ракувано во објекти кои се регистрирани до Агенцијата за храна и ветеринарство и кои ги исполнуваат хигиенските барања за сурово млеко.

Согласно законската обврска која се однесува на примарните производители на сурово млеко во поглед на исполнување на хигиенските барања и нивна регистрација, АХВ има изготвено план за категоризација на одгледувалиштата на молзни грла според ризик, со унапредување на квалитетот на суровото млеко, а со цел обезбедување на исполнување на критериумите за број на микроорганизми и соматски клетки и хигиенски и здравствени барања за одгледувалишта на молзни грла.

Примарните производители на сурово млеко наменето за исхрана на луѓето, доколку сакаат да стават во промет сурово млеко, треба да поднесат барање за регистрација во кое се содржани и податоци за вкупен број на колонии на микроорганизми и вкупен број на соматски клетки, врз основа на кои се проценува исполнетоста на законските барања за суровото млеко.

 

За да може млекото да се стави во промет, потребно е исполнување на барањата во поглед на

  • здравствената состојба на животните за производство на сурово млеко
  • хигиената на одгледувалиштата, просториите и опремата за производство на сурово млеко
  • исполнување на хигиенските барања во текот на молзењето, собирањето и транспортот на суровото млеко и
  • хигиенските барања за сурово млеко.

 

Во поглед на барањата за здравствена заштита на животните, животните од кои се добива сурово млеко треба:

  • да ги исполнуваат барањата за здравствениот статус на животните согласно прописите за здравствена заштита на животните
  • да не потекнуваат од одгледувалишта, објекти, подрачја или делови од подрачја кои се предмет на рестрикции од аспект на здравствената заштита на животните
  • да не покажуваат симптоми на заразно заболување кое се пренесува на луѓето преку млекото
  • да се во добра општа здравствена состојба, без знаци на заболување кое може да резултира со контаминација на млекото особено да не страдаат  од било каква инфекција на гениталните органи пропратено со исцедок, ентеритис со диареја и треска, или видливо воспаление на вимето
  • да немаат рани на вимето кои би влијаеле врз исправноста на млекото
  • да не биле третирани со неодобрени фармаколошки супстанции или ветеринарно-медицински препарати и кои не подлежеле на незаконски ветеринарно здравствен третман според прописите од областа на ветеринарното здравство
  • доколку се третирани со одобрени ветеринарно-медицински препарати или супстанции, периодот на каренца, пропишан за тие препарати или супстанци, да е поминат.

Во поглед на хигиенските барања за просториите и опремата, одгледувалиштата од кои се добива сурово млеко треба:

  • опремата за молзење и просториите каде што млекото се складира, се ракува и се лади, да биде поставена и конструирана за да го намали ризикот од контаминација на млекото
  • просториите за складирање на млекото треба да бидат заштитени од штетници, да се соодветно одвоени од просториите каде животните се сместени, да ги исполнуваат хигиенските барања во текот на молзењето, собирањето и транспортот на млекото и кога е неопходно, да имаат соодветна опрема за разладување
  • површината на опремата која доаѓа во контакт со млекото (садови, контејнери, цистерни и друга опрема наменети за молзење, собирање или транспорт) треба да се лесни за чистење и дезинфекција и да се одржуваат во добра состојба, со користење на материјали кои се мазни, лесни за миење и не се токсични
  • по употребата, површините на опремата која доаѓа во контакт со млекото треба да се исчистат и по потреба да се дезинфицираат. По секоја серија или по секоја група на серии кога временскиот период меѓу истоварање и следно товарање е многу краток, но најмалку еднаш дневно, контејнерите и цистерните кои се користат за транспорт на млеко треба да се исчистат, дезинфицираат на соодветен начин пред повторно да се употребат
  • просториите во кои млекото се складира и преработува, како и транспортните средства и опремата која доаѓа во контакт со млекото за време на процесот на производство, преработка и транспорт треба да ги исполнуваат пропишаните барања.

Во поглед на хигиенските барања за време на молзењето, складирањето и транспортот треба да се обезбедени хигиенските предуслови:

  • пред да започне молзењето, боските, вимето и околните делови да се чисти
  • млекото од секое животно да е прегледано органолептички или за присуство на физичко-хемиски абнормалности од страна на молзачот или со метод со кој се постигнуваат слични резултати и млекото кое има такви абнормалости да не се користи за исхрана на луѓето
  • млекото од животни кои покажуваат клинички знаци на болести на вимето, да не се користи за исхрана на луѓето, односно да се употребува во согласност со добиените упатства од ветеринарен лекар
  • да се изведе идентификување на животните кои подлежеле на медицински третман со кој евентуално би се пренеле резидуи во млекото, и млекото добиено од такви животни пред пропишаниот период на каренца да не се користи за исхрана на луѓето
  • да се користат само средства за промивање на боските или спрејови кои се одобрени за употреба
  • веднаш по молзењето, млекото треба да се чува на чисто место, дизајнирано и опремено за да се избегне контаминација и веднаш да се излади на температура не повисока од 8°С
  • за време на молзењето и при собирање на млекото, треба да се обезбеди заштита од надворешна контаминација и од временски услови,
  • суровото млеко може да се транспортира во специјални цистерни, контејнери или садови кои оневозможуваат контаминација на млекото и истите не може да се користат и за превезување на други материи
  • во текот на транспортот треба да се одржува ладниот температурен режим и со пристигнување во објектот, температурата на млекото не смее да биде повисока од 10°С
  • лицата кои го вршат молзењето и ракуваат со суровото млеко треба да носат соодветна и чиста облека и треба да одржуваат висок степен на лична хигиена, а во близина на местото на молзење треба да има соодветни простории за лицата кои го вршат молзењето и ракуваат со суровото млеко, да ги мијат нивните раце.

 

Во поглед на хигиенските барања, суровото млеко треба да ги исполнува барањата за бројот на соматски клетки и бројот на микроорганизми, односно барањата за вкупен број на колонии на микроорганизми до 100.000/мл и вкупен број соматски клетки до 400.000/мл.