Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

АХВ носител на националните активности на кампањата на ЕФСА за африканската чума кај свињите

27.07.2022
носител на националните активности на кампањата на ЕФСА за африканската чума кај свињит

Европската агенција за безбедност на храна (ЕФСА) во соработка со надлежните органи на земјите во фокус (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Косово, Латвија, Литванија, Црна Гора, Македонија, Полска, Романија, Србија, Словачка, Словенија) започна со спроведување на третата фаза од кампањата за подигнување на јавната свест за болеста Африканска чума кај свињите (АЧС).

Целна група на оваа фаза од кампањата се одгледувачите на свињи, ветеринарите и ловците, а оваа година, ЕФСА ќе спроведе серија нови „пилот активности“ во четири земји - Бугарија, Полска, Романија и Србија - каде што ситуацијата со АЧС е особено сериозна.

Кампањата „Стоп за Африканската чума кај свињите“, е дел од тековните напори на Европската комисија и други меѓународни тела со цел спречување на ширењето на АЧС во ЕУ и соседните земји.

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија неколку години наназад, спроведува голем број превентивни мерки како што се подигнување на биосигурносните мерки на свињарските фарми, воспоставување на мониторинг на присуство на Африканска чума кај дивите свињи, изготвување апликација за пријавување на угинати диви свињи.

Реализирани се и голем број едукации на фармерите, ловните друштва, подготвени и испечатени се прирачници за болеста наменети за официјалните ветеринари, ветеринарните друштва и комерцијалните одгледувачи на свињи, кои ја интензивираа соработката и со помалите производители и одгледувачи на свињи. Извршена е и категоризација на свињарските фарми во однос на степенот на ризик и имплементираноста на биосигурносните мерки на фармите и идентификација на свињите.

Интензивирана е и соработката со невладиниот сектор, со националните паркови и другите државни органи, во насока на размена на податоци и информации. Организирани се обуки и за царинските службеници кои вршат контрола на личниот багаж на патниците кои влегуваат и транзитираат низ нашата земја со цел спречување на внесување на месо и производи од месо преку кои може да се пренесе вирусот на Африканската чума кај свињите, а засилени се и контролите при увоз на оваа категорија производи. На сила е забран за увоз и транзит на свињи, производи и нус производи од свинско месо од земјите и регионите каде е потврдено присуство на болеста.

Агенцијата за храна и ветеринарство има изработено и План за итни мерки и оперативен прирачник за справување со Африканска чума кај свињите, воведени се засилени мерки и контрола и на добиточните пазари во земјава. Од страна на официјалните ветеринари се вршат засилени контроли на движењето на свињите и спроведувањето на клиничките прегледи на одгледувалиштата со цел рана детекција на болеста.

 

Што е Африканска чума кај свињите?

Африканската чума кај свињите (АЧС) е смртоносна вирусна болест од која заболуваат домашните и дивите свињи. Вирусот е безопасен за луѓето, но предизвикува значителни социо-економски последици во голем број земји. Против оваа болест сеуште не постојат вакцини, и поради тоа појавата на вирусот може да доведе до угинување и колење на голем број свињи во областите и зоните во кои се појавува.

Која е целна група на кампањата?

Кампањата е наменета за групи луѓе и поединци, кои доаѓаат во контакт со домашни и диви свињи, особено фармери кои одгледуваат свињи, ловци и ветеринари. Со помош на локални фармерски здруженија, ветеринарни организации, ловечки здруженија и други релевантни тела, кампањата има за цел да ја подигне свеста за тоа како да се спречи ширењето на АЧС.

Дознајте повеќе

Посетете ја веб страницата за кампањата за АЧС на ЕФСА за повеќе информации, како и за информативни факти, инфографици, објави на социјалните мрежи подготвени за употреба и други материјали.

 

EFSA

 

Ознаки
Категорија