Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

АХВ го одбележа третиот Светски ден на безбедна храна

07.06.2021
АХВ го одбележа третиот Светски ден на безбедна храна

Производи со поминат рок, артикли на чии декларации не пишува од каде потекнува и што содржи производот се само дел од недостатоците на македонскиот пазар. За првите пет месеци од годинава Агенцијата за храна и ветеринарството уништила речиси 70 тони храна која била небезбедна за потрошувачите.  Во текот на 2020 година, ветеринарните и инспекторите за храна спровеле вкупно 54.382 контроли, а како небезбедна, инспекторите и операторите уништиле приближно 238 тони на храна, информираше денеска Николче Бабовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, на настанот „Безбедна храна денес за безбедно утре“ по повод 7-ми јуни – Светски ден на безбедност на храната.

Бабовски истакна дека македонските граѓани треба да бидат сигурни дека консумираат безбедна храна иако, како што кажа, секогаш, за жал, се можни и постојат и одредени пропусти.

Како одговорна институција и во услови на пандемија, направивме максимални напори да ги заштитиме граѓаните, ги зајакнавме контролите уште од самиот почеток на пандемијата, истакна тој.

Дополни дека расте интересот на граѓаните за безбедност на храната, а преку одделението за заштита на храната во Агенцијата за храна и ветеринарство, од вкупно поднесените 173 претставки, 74 се однесуваат на безбедност на храната.

Од овој настан, истакна Бабовски, ја упатуваме клучната порака дека безбедноста на храната е одговорност на сите, на институциите, науката, бизнис операторите, но, и на самите потрошувачи и, како што кажа, таа има непосредни и долгорочни придобивки, не само за луѓето и нивното здравје, туку и за економијата во целина.

Дигиталните иновации, напредокот на научните решенија, но, и почитувањето на традиционалното знаење кое го издржа тестот на времето, во иднина треба да осигураат сè поголемата достапноста на граѓаните кон количините на безбедна храна, сподели Бабовски.

Oдговарајќи на новинарски прашања првиот човек на АХВ истакна и дека Агенцијата се соочува со недостаток на кадар при што напомена дека имаат потреба од минимум 20 дополнителни инспектори.

Претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, Маријана Лончар Велкова истакна дека нема ништо поважно од тоа ние како потрошувачи да консумираме безбедна храна и ги сподели очекувањата на потрошувачите.

Очекуваме да се унапреди законската рамка, стандардите да бидат што построги, потрошувачите да стекнат поголема доверба во храната, поголема едукација на потрошувачите со цел тие да научат како да ги избегнат ризиците поврзани со храна, добро спроведување на правилата за добра хигиенска пракса и контрола, и, во континуитет да се вршат инспекциските надзори, истакна Лончар Велкова.

Таа сподели дека најголемите поплаки од граѓаните биле во однос на чувањето и декларацијата на производите, како и рокот за употреба.

На денешниот настан претставници од науката, институциите и невладиниот сектор  дебатираа за новата европска стратегија за безбедност на храната, за перспективите и предизвиците во примарното производство во поглед на безбедноста на храната, интегралната заштита на растенијата, за флексибилната примена на правилата за системот за безбедност на храната низ призмата на потрошувачите. На настанот ќе се дебатира и за употребата на здравствените тврдења и измамите при нивно користење, за антимикробната отпорност и за иновираната храна како предизвик на 21 век.

 

Svetski den 1

 

Ознаки
Категорија