КОВИД- 19 и безбедност на храна: упатство за бизнисите со храна

16.04.2020
КОВИД- 19 и безбедност на храна: упатство за бизнисите со храна

Светот се соочува со невидена закана од пандемијата КОВИД-19, предизвикана од вирусот SARS-КоV-2 (наречен вирус KОВИД-19). Многу земји ги следат советите на Светската Здравствена Организација (СЗО) во врска со воведувањето мерки за физичко растојание како еден од начините на кои може да се намали пренесувањето на болеста. Примената на овие мерки резултираше со затворање на многу бизниси, училишта и факултети и ограничувања на патувањата и социјалните собири. За некои луѓе, кои работат од дома, работа преку телефон и преку интернет или дискусиите и состаноците на интернет сега се нормални практики. Сепак, персоналот во прехранбената индустрија нема можност да работи од дома и од него се бара да продолжи да работи на вообичаените работни места. Одржувањето на сите работници здрави и безбедни во синџирот на производство и снабдување е клучно за да се надмине сегашната пандемија. Одржувањето на движењето на храната во синџирот на исхрана е суштинска функција за која треба да придонесат сите засегнати страни во синџирот на исхрана. Ова е исто така потребно за да се одржи довербата на потрошувачите во безбедноста и достапноста на храната.

Прехранбената индустрија треба да има системи за управување со безбедност на храната (СУБХ) засновани врз принципите на анализа на опасност и критична контролна точка (HACCP) за управување со ризиците за безбедност на храната и спречување на контаминирање на храната. Прехранбената индустрија е поткрепена со предусловни програми кои вклучуваат добри хигиенски практики, чистење и дезинфекција, зонирање на области за преработка, контрола на добавувачите, складирање, дистрибуција и транспорт, хигиена на персоналот и прилагодување на работата - сите основни услови и активности потребни за одржување на хигиенска околина за преработка на храна. Општите принципи на Кодексот за хигиената на храна се засноваат на  спроведување на клучни контроли за хигиена во секоја фаза од синџирот на преработка, производство и рекламирање на храна за да се спречи  контаминирање на храната.

Доколку бизнисот со храна има формиран тим  за управување со безбедност на храната и /или HACCP, членовите на овие тимови треба да бидат вклучени во сите дискусии за да се обезбеди дека новите интервенции во поглед на безбедноста на храната се земени предвид.  Ако бизнисот нема формирано ваков тим, тогаш треба да назначи едно лице одговорно за тоа дали од дополнителните мерки може да произлезат ризици по однос на  безбедност на храната. Ова назначено лице мора да се поврзе и советува со надлежните институции за безбедност на храната. Во моментот постои итен услов за индустријата да обезбеди усогласеност со мерките за заштита на работниците во прехранбената индустрија од КОВИД-19, да спречи изложеност или пренесување на вирусот и да ги подигне на повисоко ниво хигиената на храната и санитарните практики.
Целта на овие упатства е да се истакнат овие дополнителни мерки за да се одржи интегритетот на синџирот на исхрана и да се обезбедат соодветни и безбедни резерви на храна за потрошувачите.


Потенцијално пренесување на КОВИД-19 преку храна

Малку е веројатно дека луѓето можат да заболат од КОВИД-19 преку храната или пакувањето на храната. КОВИД-19 е респираторно заболување и примарниот пат на пренесување е преку контакт на лице со лице и преку директен контакт со капки кои се создаваат кога заразено лице кашла или кива. 

Досега нема докази дека вирусите кои предизвикуваат респираторни заболувања се пренесуваат преку храна или пакувањето на храна. Коронавирусите не можат да се размножуваат во храната. Нив им е потребно животно или човек - домаќин за да се размножуваат. 

Најновиот совет на СЗО е дека сегашните докази укажуваат дека вирусот КОВИД-19  се пренесува за време на близок контакт преку респираторни капки (формирани при кашлање или кивање) и преку контаминирани предмети и материјали. Вирусот може да се шири директно од човек на човек кога заразен со КОВИД-19 кашла или кива, произведувајќи капки кои стигнуваат до носот, устата или очите на друго лице. Алтернативно, со оглед на тоа што респираторните капки се премногу тешки за да останат во воздухот, тие паѓаат на предмети и површини околу заразеното лице. Можно е некој да се зарази кога допира загадена површина, предмет или рака на заразено лице и потоа ги допира сопствената уста, нос или очи. Ова може да се случи, на пример, при допирање на квакина на вратите или ракување со друго лице и потоа допирање на лицето.

Неодамнешните истражувања го оценија опстанокот на вирусот КОВИД-19 на различни површини и објавија дека вирусот може да остане одржлив до 72 часа на пластика и нерѓосувачки челик, до четири часа на бакар, и до 24 часа на картон. Ова истражување беше спроведено во лабораториски услови (контролирана релативна влажност и температура) и треба да се толкува со претпазливост во реалната животна средина.

За индустријата за храна е неопходно да се зајакнат мерките за лична хигиена и да се обезбедат обуки за освежување на знаењата за принципите за хигиена на храната со цел да се елиминира или намали ризикот површините на материјалите за пакување на храна да бидат загадени со вирус од операторите со храна. Личната заштитна опрема, како што се маски и раквици, може да биде ефикасна во намалувањето на ширењето на вируси и заболувања во прехранбената индустрија, но само доколку се користи правилно. Покрај тоа, за прехранбената индустрија се препорачува да воведе физичко дистанцирање и строга хигиена и санитарни мерки, промовирање на често и ефективно миење раце и санитарни услови во секоја фаза на преработка, производство и рекламирање на храна. Овие мерки ќе го заштитат персоналот од ширење КОВИД-19 кај операторите со храна, ќе овозможат одржување на здрава работна сила и откривање и исклучување на заразените лица кои ракуваат со храна и нивните непосредни контакти на работното место. 

Иако генетскиот материјал на КОВИД-19, (РНК) е изолиран од примероци од измет на заразени пациенти, сепак нема извештаи или докази за пренесување по фекално-орален пат. Миењето на рацете после употреба на тоалетот е секогаш суштинска практика, особено кога се ракува со храна.

 

Оператори со храна: свесност за COVID – 19 и симптоми

Ова упатство се однесува на сите оператори со храна, односно луѓе кои ракуваат со храна, луѓе кои директно допираат храна како дел од нивната работа. Исто така го применува и персонал кој допира површини во контакт со храна или други површини во простории каде што се ракува директно со храна, односно условите (мерките) се применуваат и од страна на менаџерите, лицата кои чистат, работниците кои испорачуваат храна и инспекторите за храна.

СЗО препорачува луѓето кои не се чувствуваат добро, да останат дома. Персоналот што работи во прехранбениот сектор треба да биде свесен за симптомите на, КОВИД-19. Операторите со храна треба да изготват пишано упатство за вработените во однос на пријавување на вакви симптоми и исклучување од работа. Најважното прашање е персоналот да може рано да ги препознае симптомите за да може да побара соодветна медицинска помош и тестирање и да го минимизира ризикот од инфицирање на колегите. 


Вообичаени симптоми на КОВИД-19 вклучуваат: 

 

  • треска (висока температура - 37,5 ⁰C или повеќе)
  • кашлица -  каков било вид кашлица, не само сува
  • скратен здив
  • тешкотии во дишењето
  • замор

 

Операторисо храна: спречување на ширењето на КОВИД-19 во работната средина 

Вработените што работат во просториите за храна треба да бидат обезбедени со пишани упатства и обука за тоа како да се спречи ширењето на КОВД-19. Нормалната рутинска подготвеност за процедурите за работа што ги користат деловните субјекти, како дел од нивните системи за управување со безбедност на храна, треба да обезбедат дека инфицираните работници се исклучени од просториите за храна. Вработените кои не се чувствуваат добро или имаат симптоми на КОВИД-19 не треба да бидат на работа и треба да бидат информирани за тоа како да контактираат со медицинскиот персонал. Ова претставува императив, затоа што ако заразениот работник е во контакт со храната, можно е да внесе вирус во храната со која работи или пак на работните површини што доаѓаат во контакт со храната преку кашлање и кивање, или преку контакт со рака.

Покрај тоа, во некои случаи, заразените луѓе може да немаат никакви симптоми (асимптоматски или пред-симптоматски) и може да не покажат никакви знаци или симптоми на болест или може да имаат благи симптоми кои лесно се занемаруваат. Некои заразени лица кои сè уште не покажуваат симптоми се покажало дека се заразни и способни за ширење на вирусот.Ова ја потенцира потребата сите лица кои работат во прехранбената индустрија, без оглед на нивната очигледна здравствена состојба, да практикуваат лична хигиена и соодветно да користат лична опрема за заштита. Бизнисите со храна треба да воведат високо ниво на безбедност и управување со персоналот за да одржат работно опкружување без болести.

Предусловните програми треба да  осигураат дека работниците заразени со КОВИД-19  (лица со симптоми и потврдени асимптоматски носители) и нивните контакти (оние кои биле во контакт со потврдени случаи) се исклучени од просториите за храна. Персоналот кој не се чувствува добро или има симптоми на КОВИД-19 не треба да работи. Треба да се воспостави процедура со која ќе му се овозможи на персоналот да пријавува болест преку телефон (или е-пошта), така што работниците во рани фази на КОВИД-19 можат да добиваат сигурни информации и брзо да бидат исклучени од работните средини. 

Практиките за безбедност на храната во просториите за храна треба да продолжат да се спроведуваат до највисоки хигиенски стандарди во согласност со воспоставените системи за управување со безбедност на храна.
 Добрите хигиенски практики за персоналот вклучуваат:

 

  • Соодветна хигиена на рацете - миење со сапун и вода најмалку 20 секунди (следете ги советите на СЗО). 
  • Честа употреба на средства за дезинфекција на база на алкохол.
  • Добра хигиена на респираторниот систем (покријте ја устата и носот при кашлање или кивање; фрлајте ги хартиените марамчиња и мијте раце).
  • Често чистење / дезинфекција на работните површини и точките на допир, како што се кваките на вратите/. 
  • Избегнување на близок контакт со секој што покажува симптоми на респираторни заболувања, пратени со кашлање и кивање.


Оператори со храна: употреба на ракавици за еднократна употреба 

Операторите со  храна можат да користат ракавици, но истите мора често да се менуваат, а рацете мора да се мијат помеѓу промена на ракавиците и кога ќе се отстранат ракавиците. Ракавиците треба да се менуваат по извршување на активности кои не се поврзани со храна, како што се отворање/затворање на вратите со рака и празнење на корпи за отпадоци. Операторите со храна треба да бидат свесни дека носењето на ракавици може да им овозможи на бактериите да се насоберат на површината на рацете, така што миењето на рацете е исклучително важно кога ќе се отстранат ракавиците за да се избегне последователно загадување на храната. Операторите со храна треба да избегнуваат допирање на устата и очите кога носат ракавици. 

Ракавиците за еднократна употреба не треба да се користат како замена за миење раце во средината во која се работи со храна. Вирусот КОВИД-19 може да ги загади ракавиците за еднократна употреба на ист начин како што ги загадува и рацете на операторите со храна. Отстранувањето на ракавиците за еднократна употреба може да доведе до загадување на рацете. Носењето на ракавици за еднократна употреба може да даде погрешно чувство на сигурност и може да резултира со тоа  персоналот да  не мие раце толку често колку што е потребно. 

Миењето на рацете е поголема заштитна бариера за инфекцијата отколку носење на ракавици за еднократна употреба. Бизнисите со храна треба да обезбедат соодветни санитарни јазли и да обезбедат дека работниците за храна темелно и често ги мијат рацете. Обичниот сапун и топла проточна вода се соодветни за миење на рацете. Средствата за дезинфекција на раце можат да се користат како дополнителна мерка, но не треба да го заменуваат миењето на рацете.


Оператори со храна: физичка дистанца во работната средина

Физичката дистанца е многу важна за да се забави ширењето на КОВИД-19.  Ова се постигнува со минимизирање на контакт помеѓу потенцијално заразени лица и здрави лица.  Сите бизниси со храна треба да ги почитуваат препораките на СЗО, колку што е тоа возможно. Упатствата на СЗО препорачуваат одржување на растојание најмалку 1 метар (3 стапки) помеѓу вработените. Во услови кога тоа не го дозволува просторот, односно е тешко да се обезбеди, операторите со храна треба размислат и да воспостават мерки за заштита на вработените.

Практични примери за придржување кон мерките за физичка дистанца во просторот наменет за производство на храна:

  • Обезбедување на позиции за работа во производниот процес, наизменично поставени (цик цак) работни позиции од двете страни на производните линии, како работниците не би биле во близок контакт едни со други.
  •  
  • Обезбедување на заштитна опрема, како што се маски за лице, мрежи за коса, ракавици за еднократна употреба, чиста заштитна работна облека, соодветни обувки.Употребата на ваква заштитна опрема  би требало да биде рутина во високо ризичните области на просторите каде што се произведува готова за јадење и зготвена храна. Кога вработените носат заштитна опрема постои можност да се намали препорачаната физичка дистанца.
  •  
  • Просторна оддалеченост меѓу работните места може да доведе до намалување на брзината на производните линии.
  •  
  • Ограничување на бројот на персоналот во просторот за подготовка на храна и организирање на персоналот во работни групи или тимови за да се намали интерреакцијата меѓу групите.

 

 

Оператори со храна: Болест КОВИД-19 на работното место


Предусловните програми кои ги поддржуваат бизнисте со храна треба да вклучуваат упатства за управување со оваа болест кај персонал во производните простори за храна.

Во овие упатства се вклучени инструкции за пријавување на болеста на персоналот и правила за враќање по опоравувањето. Персоналот мора да биде обучен и усогласен со овие правила за да може во најрана фаза да се пријави болеста за да се спречи трансмисијата (ширењето на КОВИД- 19) меѓу вработените. Практиките на менаџерските тимови ( пр. известување за заболени и отсранување на болни од работа) ќе овозможи лицата кои не се чувствуваат добро и имаат симптоми на КОВИД-19 да не бидат на работните места. Неопходно е да се развие план на акции за да се менаџира. Персоналот треба да биде свесен дека не може да работи со симптоми на КОВИД -19, и најдобро е болеста да ја пријави телефонски. 

Вработените кои не се чувствуваат добро не треба да доаѓаат на работа, треба да известат и да побараат лекарска помош. Но ако лицето се појави на работното место со типични симптоми на КОВИД -19, тоа треба да се смести во простор кој не е простор со другите вработени. Ако е тоа возможно се обезбедува просторија или простор во кој овие лица може да бидат изолирани зад затворена врата, како што е канцеларија за вработени.  Ако е можно треба да се отвори прозорецот во таа просторијата, заради вентилација. Ова треба да биде направено за да може овие лица брзо да бидат отстранети од производниот простор. Треба да се обезбеди протокол за брзо отстранување од работниот простор на лицето кое не се чувствува добро. 

Вработениот кој не се чувствува добро треба да го следи националниот протокол за пријавување на случаи сомнителни на КОВИД -19. Додека таквото лице чека медицински совет или да биде испратено дома, треба да избегне контакт со другите вработени. Лицето треба да избегнува допирање на други лица, допирање на површини, предмети. При кашлање или кивање потребно е да се покрие носот и устата со марамче за еднократна употреба и веднаш, ако нема каде, да се стави марамчето во чанта или џеб, а потоа да се фрли на безбедно место. Доколку нема марамче, носот и устата се покриваат со рака свиткана во лактот. Додека чекаат лекарска помош, заболените вработени лица, потребно е да користат посебен тоалет, доколку истото е возможно. 

Сите површини со кои заразениот вработен стапил во контакт, вклучувајќи ги посебно сите површини и предмети видливо загадени со телесни течности, односно респираторни секрети, посебно тоалети, рачки од врати и телефони мора да се исчистат и дезинфицираат. За чистење на тие површини треба да се користат средства за дезинфекција на база на алкохол. Во принцип, се покажало дека средствата за дезинфекција на база на алкохол (етанол, пропан-2-ол, пропан-1-ол) значително ја намалуваат инфективноста на вирусите како вирусот КОВИД-19, во концентрации од 70-80%. Вообичаените средства за дезинфекција со активни состојки засновани на квартерни соединенија на амониум  и хлор, исто така имаат вируцидни својства. Целиот персонал треба да ги мие рацете темелно 20 секунди со сапун и топла вода при секаков контакт со лица кои не се чувствуваат добро и имаат симптоми на инфекција со коронавирус. 

Доколку некој вработен е потврден како случај на КОВИД-19, потребно е да се известат сите блиски контакти на заразениот вработен за да можат да се преземат мерки за минимизирање на понатамошниот ризик од ширење на вирусот. Постојат повеќе примери за можни контакти меѓу лицата што работат со храна, односно контакт лице в лице или физички контакт (т.е. допирање); секој вработен кој бил на растојание помал од 1 метар од лицето кај кое е потврден случајот; секое лице што исчистило телесни течности без соодветна заштита (на пр. заштитни раквици, маска, заштитна облека); вработени во ист работен тим или работна група каде е имало потврден случај и секој вработен што живее во исто домаќинство со лице кај кое е потврден случај.

Светската здравствена организација (СЗО) препорачува лицата кои имале контакт со заболени да бидат во 14 дневен карантин, почнувајќи од последниот познат контакт со заболеното лице. Персоналот кој имал близок контакт со заразен вработен, веднаш треба да започне домашна само-изолација во период од 14 дена, од последниот контакт со потврден случај. Ако лицата во само-изолација не се чувствуваат добро во било кое време на изолацијата од 14 дена или тестовите се позитивни за КОВИД-19, тие стануваат потврден случај и соодветно треба да се постапува според мерките и препораките.

Персоналот кој немал близок контакт со првобитниот потврден случај, треба да продолжи да ги почитува вообичаените мерки на претпазливост и да присуствува на работа како и обично. Организирањето на вработените во мали тимови или работни групи ќе помогне да се минимизираат нарушувањата во работните процеси и во случај некој вработен да пријави дека е заболен со симптоми на КОВИД-19. Не се препорачува затворање на работнотните места. Вработените кои биле заразени и оздравеле од КОВИД-19 инфекција треба да се вратат на своите работни места. Светската здравствена организација (СЗО) препорачува пациент кој бил заразен од КОВИД-19 да биде ослободен од изолација тогаш кога нема било какви симптоми карактеристични за КОВИД-19, и има направено два негативни PCR тестови во растојание од најмалку 24 часа. Ако тестирањето не е можно да се направи, СЗО препорачува потврдените пациенти да се ослободат од изолација, откако ќе поминат 14 дена без било какви симптоми карактеристични за КОВИД-19.

 


Оператори со храна: транспорт и испорака на суровини/состојки за храна и прехранбени производи


Примарниот фокус на дополнителните хигиенски мерки и мерки за дезинфекција, што ги имплементираат бизнисите со храна се однесува на тоа да го држат КОВИД -19 надвор од своите бизниси.

Возачите и друг персонал, кои доставуваат до просториите за храна, не треба да ги напуштаат своите возила при испораката. Возачите треба да бидат обезбедени со дезинфекциско сретство за раце базирано на алхохол и хартија за раце за еднократна употреба. Возачите треба да извршат дезинфекција на рацете пред да ги дадат пропратните документи на вработените во бизнисите со храна до кои доставуваат прехранбени производи и суровини/состојки за храна. Треба да се користат контејнери и пакувања за еднократна употреба за да се избегне потребата од чистење и враќање. Во случај на повторна употреба треба да се имплементираат и спроведат соодветни протоколи за чистење и дезинфекција. Возачите кои доставуваат до просториите за храна треба да бидат свесни за потенцијалните ризици за ширење на КОВИД 19 преку контакт. Возачите треба да бидат свесни дека вирусот може да го примат и пренесат со допир со загадени површини или ракување со заразено лице. Површини кои најверојатно може да бидат загадени се управувачот, тркалата, рачките на вратите, мобилните уреди итн. Затоа хигиената на рацете, одржувањето на физичката дистанца и дезинфекцијата на контактните површини се клучни за спречување на крос-контаминацијата (вкрстена контаминација). 

Возачите треба да бидат свесни за одржување на физичката дистанца, како и одржувањето на висок степен на лична хигиена и чиста заштитна облека, кога доставуваат и предаваат нарачки до потрошувачите. Возачите исто така треба да бидат свесни и да се осигураат дека контејнерите за трнспорт се чисти и соодветно дезинфицирани, а хрната мора да биде заштитена од контаминација и мора да биде издвоена од другите стоки кои може да ја контаминираат.

 


Малопродажни објекти за храна

Најголемите предизвици со кои се соочува секторот за малопродажба на храна за време на КОВИД-19 пандемијата се одржување на највисоки стандарди на хигиена, заштита на персоналот од ризици за инфекција, одржување на физичка/ социјална дистанца кога се справуваат со голем број потрошувачи и обезбедување на адекватна количина на храна на дневна основа.

Лицата кои работат со храна во малопродажните објекти најверојатно нема да ја загадат храната ако ги следат стандардите, како и добрите практики за лична хигиена кои го намалуваат ризикот за пренесување на болестите кои се пренесуваат преку храната.

Мерките како што се често миење на рацете, употреба на дезинфекциски сретства, употреба на заштитна облека, како и добра хигиена на респираторниот тракт ќе го намалат ризикот од ширење на болеста. Работодавците треба да ја истакнуваат важноста на почесто миење на рацете и одржување на добрите хигиенски практики, многу почесто чистење и дезинфицирање на површините кои вообичаено се допираат. Лицата кои работат со храна треба да бидат свесни за симптомите на КОВИД-19, да го информираат својот работодавец и да побараат медицински совет, доколку мислат дека имаат симптоми на болеста.

Одржувањето на физичката дистанца во објектите за храна е клучно за намалување на трансмисијата на болеста.

Практичните мерки што треба да ги користат трговците на мало го вклучуваат следното:

 

  • Регулирање на бројот на потрошувачи за да се избегнат гужви.
  • Поставување на известувања за потрошувачите дека не треба да влегуваат во продавницата доколку не се чувствуваат добро или имаат симптоми на КОВИД-19
  • Менаџирање и контрола на редицата пред продавницата и во продавницата. 
  • Обезбедување на сретства за дезинфекција на раце, спреј за дезинфекција и хартија за еднократна употреба на влезните места во продавницата.
  • Користење на ознаки на подот во продавниците заради полесно одржување на препорачаната физичка дистанца, посебно во деловите од просторот каде најчесто има гужви.
  • Давање на објави со кои се потсетуваат потрошувачите за физичко дистанцирање и дезинфицирање на рацете.
  • Воведување на бариери од плексиглас на местата за наплата заради дополнителна заштита на персоналот.
  • Поттикнување на употреба на бесконтактни плаќања.
  •  
  • Бидејќи потрошувачите се почесто носат сопствени торби, советување на   потрошувачите да ги перат торбите пред секоја употреба во продажните простории (продавници, супермаркети)

Ризикот од пренесување на COVID-19 треба да се минимизира со идентификување на точките кои најчесто се допираат во продавниците, со тоа што ќе се обезбеди редовно чистење и дезифицирање на истите.

Примери за такви точки се рачки на количките и корпите кои се користат при пазарење, рачките на вратите, држачи на скалила што ги користат потрошувачите во одредени продажни простори. Активностите што треба да се преземат вклучуваат:

 

  • Обезбедување на марамчиња (или други форми на дезинфекциски сретства ) за да можат потрошувачите да ги исчистат рачките на корпите и количките за пазарење, или назначување на персонал кој ќе го прави тоа после секоја употреба на истите.
  • Чистење и дезинфицирање 
  • Држење на отворени врати каде што е тоа можно

 

 

Изложена храна на отворено, во простории за малопродажба


Иако некои потрошувачи сметаат дека постои ризик од инфекција со COVID-19 како резултат на изложување на храната на отворено, во моментот нема научни докази кои сугерираат дека храната е поврзана со пренесување на вирусот СОВИД-19. Важно е одржувањето на добрите хигиенски практики на пултовите и околу пултовите со готови јадења, салати, пекарски производи, рафтови за свежи производи. Потрошувачите секогаш треба да бидат советувани да го мијат овошјето и зеленчукот со чиста вода за пиење пред да ги консумираат. Во просторот каде што е изложена храна на отворено, и потрошувачите и лицата кои работат со храна постојано треба да се набљудуваат во однос на добрите хигиески практики за лична хигиена.

Со цел хигиенско управување со изложената храна на отворено /пултови/ за да се избегне пренесување на COVID-19 преку површински контакт, трговците со храна треба: 

  • Да одржуваат постојано чистење и дезинфекција на сите површини и прибор кој е во контакт со храната. 
  • Персоналот што работи со храна треба често да ги мие рацете и доколку користи заштитни ракавици тие мора да се менуваат пред и после подготовката на храна;
  • Персоналот што работи со храна треба често да ги чисти и дезинфицира пултовите со храна, работниот прибор и опремта.
  • Да се постави достапно дезинфекциско сретство за раце за потрошувачите при влез и излез од просториите за храна.
  • Треба добро да се размисли, пекарските производи да не се изложуваат на отворен пулт или да се продаваат отпакувани пекарски производи од полиците за самопослужување. Во малопродажните продавници треба пекарските производи на отворените пултови за самопослужување да се стават во пластична, целофанска или хартиена амбалажа. Таму каде има непакувани пекарски производи кои се изложени во малопродажните продавници, треба да бидат сместени во витрини од плексиглас, ставени во кесички и обезбедени фаќалки за услужување на потрошувачите.

 


Оператори со храна: Кантини за храна 


Кантините лоцирани на места каде што нема практични алтернативи за вработените да добијат храна на друг начин треба да останат отворени. Во овие објекти треба да се одржуваат високи стандарди на мерки поврзани со миење на рацете и респираторна  хигиена. Вработените во кантините во оперативните стандарди треба да вклучат:

 

  • Одржување на физичка дистанца од најмалку 1 метар помеѓу поединец и други работници, вклучително и во распоредот за седење.
  • Зголемување на ефективноста на работата и намалување на времето за пауза за да се намали бројот на персоналот во кантината.
  • Ограничување на несуштинскиот физички контакт колку што е можно.
  • Обезбедување на видливи известувања за вработените кои промовираат хигиена на рацете и физичка дистанца.
  • Обезбедување на процедури за чистење и дезинфекција на опрема, простории, контактни површини / посебно оние кои често се допираат.


СЗО продолжува внимателно да ја следи состојбата и било какви промени што можат да влијаат на ова времено упатство. Доколку настанат промени СЗО ќе изврши дополнително ажурирање. Овој времен документ ќе престане да важи 2 години по датумот на објавување.

 

Ознаки
Категорија