Препорака за миленици

03.04.2020
Препорака за миленици

Со појавата на пандемијата на вирусот COVID-19, од особено значење е да се сочува не само личната хигиена, туку и хигиената на домашните миленици и просторот во кој тие престојуваат. За таа цел, потсетуваме на неколку генерални правила, до кои, особено во овој момент, треба да се придржуваат сопствениците на домашни миленици.


Садовите за храна и вода на домашните миленици треба секојдневно да се мијат, креветот на миленикот треба секојдневно да се чисти со правосмукалка, бидејќи истиот е магнет за собирање влакна од милениците, но и нечистотија која тие преку своето крзно ја внесуваат во домовите. Во исто време, од особена важност е сопственикот често да го пере креветот на неговиот домашен миленик, користејќи средства кои не се штетни за животните, а, кои истовремено обезбедуваат дека креветот е убаво измиен и дезинфициран, по секој директен контакт - (хранење, играње, чешлање) со домашниот миленик, задолжително треба да се измијат рацете со млака вода и сапун, сите играчки на домашниот миленик треба редовно да ги мијат за да се направи нивна дезинфекција и да се спречи тие да привлекуваат и бидат носители на штетни бактерии и мувли, по секоја прошетка, задолжително треба да се измијат шепите на миленикот со специјален шампон за животни, а редовно потребно е да се прави и дезинфекција на неговото крзно.


За да не се нарушат секојдневните рутини на домашните миленици, препорачливо е да бидат обезбедени доволни количини храна, вода, лекови и препарати за заштита на здравјето, со цел избегнување на честа посета на ветеринар заради нивна набавка, спречување на изложување на милениците и остварување на непотребен контакт со други лица.


Доколку за времетраење на пандемијата на COVID-19, домашниот миленик има потреба од итен ветеринарно – медицински преглед и/или третман, потребно е сопственикот прво телефонски да го контактира матичниот доктор по ветеринарна медицина, да го извести за тоа и да добие понатамошни упатства за постапување.


Во услови на пандемија со овој вирус, но и фактот дека животните и луѓето понекогаш можат да шират болести познати како зоонози, се препорачува луѓето кои се заболени од  вирусот COVID-19, или сомнителните на оваа болест кои сево   изолација, да го ограничат, односно да избегнуваат близок контакт со домашниот миленик и други животни и да обезбедат друго лице кое ќе води сметка за миленикот. 
Доколку сепак тоа мора да го сторат, да одржуваат добри хигиенски практики, односно да носат маска за лице и ракавици. 


Препорачливо е животните чии сопственици се болни од корона вирусот да се чуваат во затворен простор, колку што е тоа можно и да се избегнува контакт на животните со други домашни миленици.
Владата на Република Северна Македонија донесе одлука и ја измени Уредбата за ограничено движење со цел да им излезе пресрет на луѓето со домашни миленици.


Така за викенд за времетраење на полицискиот час (од 16,00 до 5,00 часот), сопствениците, ќе може да ги шетаат милениците од 20:00 до 20:30 часот, но, само до 100 метри оддалеченост од домот на сопственикот.
 

Ознаки
Категорија