Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Потврден прв случај на африканска свинска чума во Грција

07.02.2020
Потврден прв случај на африканска свинска чума во Грција

По првичниот сомнеж на трети февруари, ветеринарните власти на соседна Грција, на петти овој месец официјално го потврдија првиот случај на заболена свиња од болеста Африканска свинска чума во селско домаќинство со 32 свињи. Станува збор за одгледувалиште во селото Никоклеиа во регионот на Серес. За појавата на болеста, од страна на ветеринарните власти известена е и Европската комисија и Светската организација за здравствена заштита на животните - OIE, а присуството на болеста е нотирано во Системот за нотификација на болестите кај животните на Европската унија  (ADNS).

Освен во Грција, болеста е присутна и во соседните земји Србија и Бугарија, каде според официјалните податоци кои ги добива Агенцијата за храна и ветеринарство, на дневна основа се појавуваат нови жаришта кај дивите свињи, најмногу во североисточна Бугарија и на границата со Романија. Болеста е присутна и во Полска, Литванија, Романија и други земји.  

Во Република Северна Македонија засега не е детектирано присуство на болеста Африканска свинска чума, ниту кај дивата, ниту кај питомата популација. 

Поради постоење на реална опасност од појава на болеста и во нашата земја, а со цел нејзино спречување, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) апелира до одгледувачите на свињи, ловните друштва и граѓаните да ги почитуваат донесените решија за спроведување на заштитни мерки. 

Во соработка со Царинската управа на Република Северна Македонија, АХВ  спроведува засилени мерки за контрола и на граничните премини, особено на личниот багаж на патниците. Како одговорна институција за безбедноста на храната и здравствената заштита и благосостојбата на животните, ги потсетуваме граѓаните на забраната во личниот багаж да не се носи храна од животинско потекло, особено месо и преработки од свинско месо, преку кои може да се пренесе болеста. Напоменуваме дека храната ќе им биде одземена од страна на надлежните државни органи на граничните премини.

Иако не станува збор за зооноза, односно болест која е опасна за човекот, но, претставува сериозна закана по добиточниот фонд, упатуваме апел до сточарите и ловните друштва, до најблиското ветеринарно друштво или до официјален ветеринар, задолжително да пријават доколку забележат угината свиња (питома или дива) бидејќи во труповите на угинатите животни вирусот опстојува и долго време и може да биде една од причините за појава и ширење на болеста. 

За концесионерите на ловиштата остануваат на сила препораките за спроведување на засилен надзор во ловиштата и вршење на санитарен отстрел, со земање на мостри за испитување на присуство на болеста од секоја застрелана свиња. Лицата кои биле на лов и имале контакт со диви свињи не смеат да имаат контакт со домашни свињи најмалку 48 часа по ловот.

Ознаки
Категорија