Се одбележува Светската недела за рационална употреба на антибиотиците

19.11.2019
Се одбележува Светската недела за рационална употреба на антибиотиците

Од  18 до 24 ноември се одбележува светската недела на свесност за антибиотските средства (World Antibiotic Awareness Week). Целта на оваа кампања е да се подигне свеста за ризиците по здравјето предизвикани од отпорноста кон антибиотици и да се промовираат добри практики, со цел, ограничување на појавата и ширењето на отпорни микроорганизми низ целиот свет.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) активно работи на справување со овој глобален проблем следејќи ги упатствата на светските и европските надлежни институции. Согласно член 73 од Законот за безбедност на храната донесени се Програма за контрола на антимикробна отпорност и Годишни планови за мониторинг кои се спроведуваат од јули 2018 година. Плановите се во согласност со актуелната легислатива на Европската унија, а резултатите транспарентно се објавуваат на интернет страната на АХВ. Агенцијата е активен учесник во креирањето на Стратегијата за антимикробна резистенција и Акцискиот план за 2017 - 2020 година, како заеднички проект на повеќе надлежни институции во државава.

АХВ е вкучена во глобалната кампања за борба против антимикробната отпорност и кампањата за подигнување на свеста за можните ризици од прекумерна и несоодветна употреба на антимикробните средства. За таа цел, креиран е водич за „Одговорна употреба на антимикробни средства во ветеринарната медицина“, наменет за информирање на јавноста, но, пред се на вклучените страни во прометот и употребата на овие средства. Водичот е објавен на интернет страната на АХВ.

Антимикробните средства се лекови кои се користат за лекување на инфекции предизвикани од микроорганизми, особено оние од бактериско потекло. Овие лекови се од суштинско значење за заштита на здравјето и благосостојбата на животните и луѓето.

Прекумерната или несоодветна употреба може да доведе до појава на отпорни микроорганизми кои не реагираат на антибиотскиот третман, појава која е се почеста последниве децении. Овој феномен, наречен антимикробна отпорност, кој претставува многу сериозна закана за контролата и сузбивањето на болестите ширум светот, е примарна грижа во однос на здравјето на луѓето и животните.

Преку обезбедување на одговорна употреба на овие многу важни лекови за животните, а во согласност со меѓународните стандарди на Светската организација за здравствена заштита на животните - ОИЕ ќе можеме да ја зачуваме нивната ефикасност.

За да се постигне ова, од витално значење е координирано делување помеѓу институциите одговорни за здравјето на луѓето и животните и животната средина. Ветеринарните доктори се најважниот дел од решението но, тие мора да бидат добро обучени, постојано да се надградуваат и да бидат предмет на контрола од страна на надлежните органи.

Секој од нас има задача да придонесе во борбата против антимикробната отпорност во насока на заштита на ефикасноста на овие лекови од витално значење, а со тоа и на нашата иднина.

На проблемот со антимикробната отпорност многу внимание посветуваат водечките светски организации од областа на јавното здравје, здравјето на животните и безбедноста на храната како ОИЕ, Светската организација за земјоделство и храна - ФАО, Светската здравствена организација - СЗО, Европски центар за превенција и контрола на болести и други, кои напорно работат на подигнување на свеста за ризиците од антимикробната отпорност преку организирање на истражувања, одржување на семинари, советувања, објавување на публикации за јавноста и друго. Од голема важност е и меѓусебната соработка и комуникација меѓу засегнатите страни во самата држава и на светско ниво, за имплементирање на сите новини и тековни промени во областа, како и за размена на искуства. Во таа насока, Агенцијата за храна и ветеринарство активно учествува во Мултисекторската комисија за контрола на антимикробната отпорност и меѓународните институции кои се занимаваат со овој проблем како што се Светсктата организација за здравствена заштита на животните - ОИЕ и Европската агенција за безбедност на храната - ЕФСА, постојано е во тек со најновите истражувања и ги следи нивните насоки и препораки. Дополнително, АХВ учествува во обуки од областа на антимикробната отпорност организирани од Иницијативата за обука за безбедност на храната на Европската комисија (BTSF), а ангажира и надворешни експерти, се со цел држење чекор со светските трендови и континуирано унапредување на системот за контрола на антимикробната отпорност во нашата земја. 

Повеќе информации за активностите на овие организации во однос на  антимикробната отпорност и одговорната употреба на антимикробни средства може да се најдат на следниве страници:

 

 


 

Се одбележува Светската недела за рационална употреба на антибиотиците

 

Ознаки
Категорија