Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Уништувањето на месото со африканска свинска чума е транспарентно

22.10.2019
Уништувањето на месото со африканска свинска чума е транспарентно

Агенцијата за храна и ветеринарство најостро го осудува обидот на Цветан Трипуновски, член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ со денешната изјава  и презентирањето на невистини да ја доведе во заблуда јавноста дека Агенцијата за храна и ветеринарство не ја информирала јавноста за преземените мерки за превенција и спречување на ширење на болеста африканска свинска чума во земјава, по откривањето на 21 тони замрзнато свинско месо по потекло од Шпанија, кај кое беше утврдено присуство на вирусот на оваа болест.

Некомпетентноста, нестручноста и политиканството на Трипуновски, кој денес ја обвини Агенцијата за ненавремено преземање на мерки и земање на мостри од заразеното месо, имаат само една цел – непотребно ширење на дезинформации, создавање на паника кај граѓаните и сточарите, неосновано доведувајќи го во прашање кредибилитетот на институцијата, која досега, успешно ја менаџира имплементацијата на мерките за спречување на појава и ширење на африканската свинска чума кај нас.

Место денес да организира театрални прес конференции, Трипуновски уште на 10 октомври требаше само убаво да слуша, што како транспарентна институција, Агенцијата ја информираше јавноста околу овој случај, а на која беа најавени и мерките за уништување на спорната пратка. За да се потсети, што тогаш беше кажано, Трипуновски уште денес може да ја посети и интернет страната на Агенцијата.

Одговори за тоа до каде е истрагата за пратката со шпанското месо, по нејзиното завршување ќе ја даде Европската унија, а Агенцијата за храна и ветеринарство како и досега навремено и транспарентно ќе информира за тоа. „Неодговорниот” однос во пристапот со африканската свинска чума, како што тврди Трипуновски, за среќа, во Република Северна Македонија досега дава позитивни резултати, односно, болеста ја немаме во државава, иако, како што вели и тој, таа беснее во регионот.
 

Ознаки
Категорија