Ќе се олеснува и трговијата со овошје и зеленчук во рамки на ЦЕФТА

14.10.2019
Ќе се олеснува и трговијата со овошје и зеленчук во рамки на ЦЕФТА

Олеснување на трговијата со овошје и зеленчук меѓу земјите членки на ЦЕФТА во согласност со европските регулативи и барања, со интегрирање на новите правила од областа на здравјето на растенијата и спроведувањето на официјалните контроли во националното законодавство.

Преку редуцирање на граничните формалности во трговијата, целта е да се обезбеди усогласеност на контролите базирани на ризик без наметнување на дополнителни оптоварувања за операторите со храна, од страна на официјалните власти одговорни за спроведување на официјалните контроли. Ова беше истакнато на 13 состанок на Поткомитетот за земјоделство, санитарни и фитосанитарни прашања во рамки на ЦЕФТА, кој се одржа во Скопје, а со кој претседаваше директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.

Меѓусебното признавање на граничните документи за овошје и зеленчук, теми за кои беше дискутирано за време на претходните состаноци во Тирана и Будва, е со единствена цел, да се олесни трговијата со овошје и зеленчук во рамки на ЦЕФТА и тоа согласно со барањата и регулативите на ЕУ

- рече во обраќањето директорот Атанасов.

На состанокот учествуваа и претставници на Директоратот за земјоделство на ЕУ и на него беа разгледани прашањата кои се однесуваат на усогласување на санитарните и фитосанитарните сертификати за олеснување на трговијата со овошје и зеленчук во рамки на ЦЕФТА. Според според македонските претставници, тие треба да се однесуваат и на безбедната трговија, земајќи ги во предвид националните административни капацитети.

Намалената фреквенција на контролите на граничните премини на пратките со храна од животинско потекло и добиточната храна се предмет на мониторинг заснован на проценка на ризик, врз основа на кој е направена и редукција на контролите. Проценките на ризикот во фитосанитарниот сектор се во рана фаза на имплементација.

– потенцира директорот и изрази уверување дека овој процес, навремено ќе биде финализиран.

Во рамки на 13 состанок на Поткомитетот за земјоделство, санитарни и фитосанитарни прашања на ЦЕФТА, учесниците разменија ставови и за трговијата со земјоделски производи, развојот на нови статистички бази на податоци, финансиската поддршка на земјоделството и за идното редуцирање и на бројот на контроли на храната од неживотинско потекло, кои ќе бидат базирани на проценка на ризик.

Усогласувањето на санитарните и фитосанитарните сертификати е во насока на создавање услови за фер и ефикасна соработка и олеснување на процедурите при увоз и извоз, скратување на времето на задржување на граница и намалување на трошоците на компаниите при увоз или извоз.

Ознаки
Категорија