Правилник за директно снабдување и за храната од неживотинско потекло

04.10.2019
Правилник за  директно снабдување и за храната од неживотинско потекло

Во соработка со науката и невладиниот сектор, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе подготви подзаконски акт со кој ќе го уреди пласманот на пазарот и на мали количини производи од неживотинско потекло, како што се разни слатка, мармелади и преработки од зеленчук.

Работна група ќе ги дефинира правилата врз основа на кои овие производи ќе може да се пласираат на пазарот, но, при тоа да бидат исполнети основните критериуми за безбедност и квалитет и на производите од неживотинско потекло кои ќе може да се купуваат директно од производителот. Како што истакна на денешниот состанок кој директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов до одржа со претставници од невладината Слоу Фуд Македонија и швајцарската програма за зголемување на вработеноста ИМЕ, добро е да се дефинира група на производи од неживотинско потекло која ќе биде опфатена со правилникот кој треба да го подготви Агенцијата, бидејќи врз основа на него ќе се врши и одобрување на објектите во кои ќе се произведуваат оваа категорија на производи, водејќи сметка да се запазат критериумите за безбедност на храната.

Тој посочи дека треба да се прави разлика меѓу традиционалното производство и директното снабдување со производи од неживотинско потекло, бидејќи, основно е објектите да се одобрат, а дали производителот ќе се насочи кон традиционално производство или не, е исклучиво негова одлука.

Габриела Мицевска од ИМЕ рече дека преку нивната програма имаат можност да го поддржат процесот на подготовка на овој подзаконски акт, чиј формат треба да го дефинира Агенцијата. Во подготовката на правилникот, кој треба да го отвори патот за легален пласман на оваа категорија производи и да биде основа за унапредување на работата на малите производители и за развој на семејни бизниси, како што рече директорот Атанасов, вклучени ќе бидат претставници и од Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство, од земјоделскиот факултет и невладиниот сектор.

На состанокот презентирани беа тековните активности на Агенцијата за храна и ветеринарство во областа на безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, а најавени беа и настаните кои во скоро време ги организира невладината организација Слоу Фуд Македонија.

Ознаки
Категорија