Потпишан договор за соработка со бугарскиот Центар за проценка на ризик

02.10.2019
Потпишан договор за соработка со бугарскиот Центар за проценка на ризик

Првите луѓе на Агенцијата за храна и ветеринарство и бугарскиот Центар за проценка на ризик во синџирот на исхрана, Зоран Атанасов и Георги Георгиев, денес потпишаа меморандум за соработка меѓу двете институции. Со потпишување на овој договор, ќе се унапредува соработката  на полето на безбедноста на храната и ветеринарната политика во областа на проценка и комуникација со ризик.

 

 

Одличните контакти кои ги имавме и досега со договорот ги подигнавме на повисоко ниво. Тој покрај размена на информации за проценка и комуникација на ризик вклучува и научно техничка соработка и административна поддршка која треба да си ја дадат двете институции во областа на безбедноста на храната и ветеринарната заштита. Договорот претставува основа за зајакнување на капацитетите на двете институции нивно подигнување на повисоко ниво со цел формирање на научна мрежа и унапредување на знаењето преку организирање на конференции, семинари и обуки

– истакна директорот Атанасов по потпишувањето на договорот.

Една од клучните точки на договорот, посочи директорот, е учество на меѓународни проекти и програми. Во рамки на овој договор, искуството од бугарскиот Центар ќе се искористи и ќе се пренесе во работењето на Агенцијата за храна и ветеринарство. Преку размена на искуства и знаење, додаде Атанасов, заедно ќе придонесеме за подобра проценка на ризикот и комуникацијата, не само меѓу двете земји, туку во регионот воопшто.

 

Потпишан договор за соработка со бугарскиот Центар за проценка на ризик

 

Според Георги Георгиев, директор на бугарскиот Центар за проценка на ризик во синџирот на исхрана, во овој глобален свет кога има движење на луѓе, храна и добра постојат и ризици. По однос на проценката на ризик, потпишувањето на петгодишниот договор за соработка со македонската Агенција за храна и ветеринарство претставува можност за унапредување на кооперативноста на двете институции и означува почеток на заедничка соработка на полето на безбедноста на храната и ветеринарната политика што е  заеднички интерес на двете земји. Запрашан за состојбата со болеста африканска свинска чума во Република Бугарија, одговарајќи на новинарско прашање, Георгиев истакна дека моментно се регистрирани 65 жаришта со болеста кај диви свињи. Болеста е присутна и во шест - седум индустриски капацитети, како и во 33 домашни фарми.

Од јули годинава Бугарија успеа да го редуцира бројот на домашни прасиња, но, ловот на диви свињи допрва ќе почне, од 5 октомври. Ситуацијата со африканската свинска чума е веќе надмината. Останува само проблемот со дивите свињи. До крајот на ловната сезона очекуваме бројот на единки драстично да се намали.

- нагласи Георгиев.

Единствена мерка за справување со болеста, потенцира тој, е спроведувањето  на биосигурносните мерки, бидејќи за болеста нема ниту вакцина, ниту лекови.

Ќе мора да живееме со присуството на африканска чума, но притоа ќе треба да ги намалиме штетите, да ги сведеме на финансиски прифатливи.

- подвлече Ѓорѓиев.

 

Потпишан договор за соработка со бугарскиот Центар за проценка на ризик 3

 

Од идната година, додаде тој, согласно промената на националното законодавство во Бугарија, сите што ќе сакаат да одгледуваат домашни прасиња ќе мора, задолжително да направат ветеринарна регистрација на објектите и да воведат биосигурносни мерки. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Атанасов уште еднаш потврди дека во земјава нема африканска чума, но превентивните мерки се уште се спроведуваат и се подигнати на максимално високо ниво.

Има критики дека сме направиле паника, но не е така. Мора да бидеме подготвени. Биосигурноста е единствената мерка со која може да се бориме против африканската чума, рече Атанасов, додавајќи дека веќе и пан американските земји го подигнуваат нивото на заштита со оглед дека се работи за таканаречена скокачка болест која брзо се шири, за многу кратко време на илјадници километри оддалеченост. Ловната сезона е пред време почната и досега се отстрелани повеќе од 250 диви свињи. За среќа, вирусот африканска свинска чума не е детектиран ниту во една испитана мостра.

-заклучи Атанасов, a на сила е и мерката за депопулација на свињите во селските домаќинства.
 

 

 

 

 

 

Ознаки
Категорија