Со едукација и забава одбележан Светскиот ден на борба против беснило

28.09.2019
Со едукација и забава одбележан Светскиот ден на борба против беснило

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и годинава се вклучи во глобалното одбележување на Светскиот  ден на борба против беснило - 28 септември. Под мотото „Беснилото завршува овде”, денес, пред Школка во Градски парк се одржа промотивно - едукативен настан за подигнување на јавната свест за опасноста од болеста и обврската која ја имаат сопствениците на домашни миленици за вакцинација на кучињата и мачките против оваа болест.

На настанот, претставници од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, од ветеринарните друштва и веледрогериите, пред присутните одржаа едукативни обраќања за исхраната за домашните миленици и за нивна здравствена заштита, за важноста од нивна редовна вакцинација и за болеста беснило воопшто, при што сите се сложија дека здрави миленици значат и здрави сопственици.

Најактивни и годинава беа најмладите кои твореа во детското ликовно катче. За прв пат во организација на АХВ се одржа и шоуто на домашни миленици, во кое активно се вклучија и децата и повозрасните. За сопствениците на домашни миленици кои ги вакцинирале своите кучиња и мачки, во рамки на годинашната кампања на Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ, АХВ им издаде сертификати за здрави миленици.

Сопствениците на домашни миленици имаат обврска да го вакцинираат својот домашен миленик против беснило, болест опасна по здравјето и животот на милениците и луѓето. Од вкупно евидентираните над 67 илјади микрочипирани миленици, најголем број кучиња, повеќе од 13 илјади не ја испочитувале обврската и не ги вакцинирале против оваа болест. Како одговорна институција, заради заштита на здравјето на миленикот, на сопствениците, но и заради општо добро, апелираме таа обврска да се исполни.

- порача денес од Градскиот парк, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.

 

Парк - светски ден против беснило 2

 

Тој потсети дека иако болеста во земјава не евидентирана од 2012 година, Агенцијата ги презема потребните превентивни мерки за спречување на нејзина појава. 

АХВ и есенва ќе ја спроведе есенската вакцинација на  лисиците со  авионско фрлање на мамки н целата територија на земјава. Со финансиска и техничка поддршка на Европската унија, есенва ќе бидат фрлени нови 500 илјади мамки.

- рече Атанасов.

Со вакцинација или заштитата на домашниот миленик против беснило сопствениците се штитат себе си и најмилите околу себе. Со здравствена заштита на домашниот миленик ја подобруваат и здравствената заштита и на околината и со тоа покажуваат дека се одговорни кон себе, најмилите и општеството.

- истакна директорот.

 

Парк - светски ден против беснило 3

 

Тој потсети дека до крајот на годинава, продолжен е рокот за бесплатно микрочипирање на домашните миленици за што Агенцијата обезбеди 100 илјади микрочипови. Агенцијата активно работи со локалните самоуправи и на решавање на проблемот со бездомните кучиња за кои обврската за вакцинирање против беснило ја имаат прифатилиштата. Оваа обврска, потенцира Атанасов треба да се изврши по нивното заловување и прегледот.

Во 2017 година немаше ниту една одобрена програма на локалните самоуправи за справување со проблемот со бездомните животни. Од поднесените 60, сега се одобрени 40 програми. Од 4 прифатилишта одобрени од Агенцијата до 2017 година, сега има 14. Три прифатилишта се во постапка  на одобрување.

-истакна Атанасов. 

 

Парк - светски ден против беснило 3

 

 

 

Ознаки
Категорија