Почна депопулацијата на свињите од малите фарми

11.09.2019
Почна депопулацијата на свињите од малите фарми

Наместо, како до пред два месеца, да земаат по 70 денари за килограм, сточарите сега, со депопулацијата на домашните свињи, ќе добијат по 100 денари. Кога на тоа ќе се додадат и предвидените 3.000 денари субвенција, за една свиња тешка 80 – 120 килограми на сметката ќе им легнат вкупно 13 илјади денари, беше речено на вчерашната прес – конференција која се одржа во Стопанската комора на Македонија. Групацијата за месо и производи од месо соопшти дека почна преземањето на свињите од домашните фарми кои немаат или не ги исполнуваат потребните биосигурносни мерки.

Илија Георгиев од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) информира дека во активностите се вклучени сите ветеринарни друштва. Мерката за депопулација има за цел да го намали бројот на дивите и на домашни свињи. Регистрирани се речиси сите мали одгледувалишта каде се одгледуваат свињи за сопствени потреби. Мерката за депопулација особено ги третира малите одгледувалишта каде нема целосно спроведени биосигурносни мерки, со што претставуваат најголема опасност за да се заразат од африканска свинска чума. Болест што потоа лесно се шири, не е опасна за човековото здравје, но предизвикува економски штети.

Тој додаде дека државата обезбедува дополнителни 3 илјади  денари по заклано грло, како оштета покрај пазарната цена по која ќе се предаваат свињите и прасињата во кланиците.

-Фармерите треба да бидат задоволни. Нема да бидат оштетени. Напротив. Ќе добијат повеќе, а и средствата ќе им бидат навреме исплатени, истакна претседателот на Асоцијацијата на земјоделците, Ефтим Шаклев.

Според претседателот на Групацијата, Гоце Трајчев, ќе се преземаат исклучиво здрави свињи, проверени од ветеринарен лекар, чие месо е чисто и безбедно.

 -Фармерите кои до 10.00 часот заедно со живата стока ќе ја донесат и потребната документација, парите ќе ги добиваат истиот ден, истакна Трајчев.


Саша Јовановиќ, пак, од Министерството за земјоделство се осврна на втората превентивна мерка – отстрелот на диви свињи. Рече дека досега, официјалната бројка на заловени единки е 170, но неофицијално се смета дека е двојно или тројно поголема.

-Ловците да ги пријават отстреланите диви свињи, да не се плашат дека ќе им бидат одземени ако случајно во некоја од нив се открие присуство на вирусот, апелира Јовановиќ. Најави и измени во Законот за ловство согласно кои, машките единки на дивите свињи ќе се ловат во текот на целата година. 


Асоцијацијата на земјоделци, како што посочи Шаклев, не е задоволна од заловените диви свињи. Очекувала дека реализацијата на оваа мерка ќе оди многу побрзо и ќе биде поефикасна, дека бројот на отстрелани единки досега, за 40 дена откако е донесена одлуката, ќе биде многу поголем.

-Имаме замерки и кон Царината. Бараме да биде поагилна и построга, да ги засили контролите особено на патниците од Бугарија, рече Шаклев.

Според проценките, со депопулацијата на домашните, мали фарми, треба да се заколат околу 15 – 16 илјади свињи и прасиња. 
 

Ознаки
Категорија