АХВ и српската Ветеринарна управа потпишаа протокол за заеднички контроли на граничниот премин Табановце – Прешево

20.08.2019
АХВ и српската Ветеринарна управа потпишаа протокол за заеднички контроли на граничниот премин Табановце – Прешево

Првите луѓе на македонската Агенција за храна и ветеринарство и Управата за ветеринарство при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија, Зоран Атанасов и Емина Милакара, денес го потпишаа Протоколот за контроли во патниот сообраќај на граничниот премин Табановце - Прешево. Станува збор за прв договор од ваков вид во регионот со кој се воспоставуваат заеднички гранични контроли во меѓународниот патен сообраќај меѓу Република Северна Македонија и Република Србија.

Потпишувањето на Протоколот уследи по потпишување на Договорот за воспоставување заеднички контроли на овој граничен премин меѓу владите на двете држави на 12 јули годинава.

-Унапредувањето и продлабочувањето на билатералната соработка помеѓу двете земји е подигнато на едно повисоко ниво, со цел да се овозможи побрз проток на пратки меѓу двете држави, што ќе придонесе кон поддршка на стопанството, но и за подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете земји – истакна директорот Атанасов во обраќањето по повод потпишувањето на Протоколот.

Во насока на имплементација на Договорот, потпишувањето на овој Протокол меѓу надлежните институции од двете држави, додаде тој, ќе го утврди начинот на вршење на заедничките гранични контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Прешево - Табановце и односот на службените лица од двете страни во спроведувањето на граничните контроли и организациските работи, со цел забрзување на патниот сообраќај, согласно одредбите во Договорот.

 -Протоколот опфаќа спроведување на ветеринарно - санитарна контрола од страна на инспекциските служби на двете земји при увоз и транзит на живи животни, производи од животинско потекло и храна за животни и размена на обрасците на ветеринарно - санитарни сертификати, кои ќе ја пратат пратката. 

Со потпишување на Протоколот се зголемува заедничката доверба и соработка меѓу надлежните служби на двете земји, што е од огромно значење, потенцира Атанасов, посебно во период на сериозни закани на регионот од внес на особено опасни болести кај животните и потенцијални ризици по здравјето на луѓето и економијата на двете земји.

Овој протокол, заклучи тој, несомнено ќе доведе до побрза и поефективна контрола на пратките на самите гранични премини, со што се очекува протокот на стоки од овој тип значително да се зголеми.
 

Ознаки
Категорија