Атанасов: Симнување на бариерата за увоз на рибен подмладок по верификувањето дека Косово соодветно испитува можност за појава на болести кај рибите

20.08.2019
Атанасов: Симнување на бариерата за увоз на рибен подмладок по верификувањето дека Косово соодветно испитува можност за појава на болести кај рибите

До крајот на неделата Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово треба да испрати извештај до Агенцијата за храна и ветеринарство на Северна Македонија со анализа на соодветната програма за следење на производите од икра и материјал за порибување од Косово. Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на средбата со косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрид Шала во Приштина кажа дека откако ќе бидат доставени сите потребни документи од косовската страна тогаш ќе биде  донесена одлука со која што ќе се овозможи увоз на икри и материјал за порибување од Косово.

-Нашите факти и аргументи кои што ги доставивме до Косово се прифатени и ние очекуваме до крајот на неделата и почетокот на следната недела тие да ја достават нивната програма и во моментот кога тие ќе ја достават нивната програма за мониторинг, Комисија во Агенцијата за храна и ветеринарство од Северна Македонија ќе излезе на терен и ќе утврди дали косовските институции работат согласно таа програма. Сакам да ги уверам граѓаните и компаниите во Република Северна Македонија дека ние како Влада ќе направиме се што е во наша можност да отвориме нови пазари, но истовремено и да ги заштитиме граѓаните со поголема контрола на здравствената состојба на производите кои што се увезуваат во земјата. Јас утре писмено ќе го известам министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрид Шала дека во моментот кога тие ќе ги достават тие документи, ние ќе им дозволиме да увезуваат икра и подмладок во Северна Македонија. Очекувам откако ќе го добијат писмото тие да ги укинат бариерите за компир и за мед, истакна Бектеши.

Министерот Бектеши информираше дека мерката не е преземена само за Република Косово, туку е и мерка преземена за сите земји што не спроведуваат активен и пасивен мониторинг во врска со рибните производи. 

-Минатата година ние како Влада ги известивме релевантните институции од соседните земји, вклучително и Косово, Албанија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, да започнат со спроведување на оваа програма за да можеме да ги извезуваме нашите производи во Европската унија. Во октомври ќе ги започнеме преговорите со Европската унија и ќе ги земеме предвид поглавјата што се занимаваат со овој проблем, ние сме должни да ги спроведеме ваквите мерки и програми,затоа што презедовме обврски, рече Бектеши.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов истакна дека неопходно е да се верификува дали Косово соодветно испитува можност за појава на болести кај рибните производи. Откако ќе добиеме такво уверение дека ги запазуваат сите процедури тогаш ќе биде отстранета бариерата за увоз во Северна Македонија.

-Тоа е меѓународно воспоставен принцип со кој што се гарантира дека земјата ги нема болестите и тоа е начинот како ние да се заштитиме да не внесеме болести на нашата територија. Од она што ни приложија косовските власти засега ги немаат сите потребни анализи, но ако ни докажат дека имаат извршено активен и пасивен мониторинг како што тврдат тие, тогаш во истиот момент кога нашата комисија ќе утврди дека се спроведуваат мерките ние следниот ден ќе ја отстраниме бариерата, истакна Атанасов.

Министерот за трговија и индустрија на Косово, Ендрид Шала после состанокот во Приштина кажа дека е постигната согласност нивната Агенција за храна и ветеринарство да достави дополнителни гаранции до Северна Македонија што Косово според него не е обврзано да ги има со другите земји потписнички на ЦЕФТА договорот. 

-Се согласивме дека до крајот на оваа недела нашата Агенција да ги заврши своите задачи и после тоа Агенцијата за ветеринарство на Северна Македонија ќе ја отстрани бариерата што ја има со Република Косово. Се согласивме да ги преземеме овие институционални чекори и во моментот обете страни и Република Косово и Северна Македонија, ќе ја елиминираат мерката наметната од нас како министерство за трговија, но во исто време и бариерата што се појавува на деловните субјекти за време на извозот на тој производ во Република Македонија, истакна Шала.

Двајцата министри се согласија дека по решавањето на проблемите со активните програми за мониторинг, двете министерства ќе ги отстранат бариерите и мерките за реципроцитет меѓу нив. Северна Македонија во моментов не увезува риби од кои било соседни земји освен Косово, а најголемиот дел од увозот е од земјите на Европската унија, особено од Данска и Холандија.

Ознаки
Категорија