Одржан петтиот состанок на Националниот совет за безбедност на храна

28.06.2019
Одржан петтиот состанок на Националниот совет за безбедност на храна

Без последици по здравјето, возрасните лица може да консумираат најмногу два енергетски пијалаци дневно. Ризик по здравјето постои доколку овој, на пазарот релативно нов тип пијалаци, се комбинираат со алкохол, пракса се поприсутна кај младата популација, кој е и најголем консумент на енергетски пијалаци. На домашниот пазар, како што беше истакнато на петтиот состанок на Националниот совет за безбедност на храна кој се одржа во петокот во Агенцијата за храна и ветеринарство, големи количини од оваа категорија пијалаци се од увоз, но и од домашно производство. Само во првите 5 месеци од годинава, увезени се 103 пратки со енергетски пијалаци со повеќе од 2,2 милиони конзерви.

Голема е палетата на енергетските пијалаци кои се нудат на пазарот и се лесно достапни да се купат, за сите категории граѓани, дури и за младите кои често свесно или не свесно ги злоупотребуваат мешајќи ги со алкохол. За да се спречат негативните последици кои може да бидат предизвикани од нивна прекумерна употреба, но, пред се да се ограничи можноста на пазарот да се пласира веќе подготвена комбинација од енергетски пијалак и алкохол, за која досегашните научни истражувања во светски рамки потврдуваат дека може да биде исклучително штетно и опасно по животот и здравјето на луѓето, неопходно е законски да се ограничи нивното производство и продажба. Од исклучителна важност е превенцијата и затоа нужно е и да се работи на креирање на кампањи за подигнување на јавната свест од опасноста која може да ја предизвика прекумерната употреба на енергетските пијалаци и нивното мешање со алкохол.

истакна во својство на претседавач со Националниот совет за безбедност на храната и храната за животни, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.

Лидија Дамевска раководител на Сектор за проценка и комуникација на ризик при Агенцијата на состанокот појасни дека за енергетските пијалаци како релативно нова категорија пијалаци на пазарот и нивната здравствена безбедност постојат скромни научни истражувања и затоа проценката на опасноста е заснована на поединечните состојки, како што кафеинот, тауринот, глукуронолактон, инозитол и витамините кои можат да бидат додадени во ваквите пијалаци. Високата содржина на кофеин, витамин Б6, неовластената употреба на бои, неовластени нови состојки, премногу висока содржина на бензоева киселина и натриум бензоат, додаде таа, според анализите на податоците од Системот на брзо известување за небезбедна храна на ЕУ, се најчестите причини заради кои бил забранет влез на енергетски пијалаци во Европската унија.

Институтот за јавно здравје, како што појасни Гордана Ристевска, работи на анализи на сооставот на енергетските пијалаци кои се увезуваат и се произведуваат во земјава, и како за тема која и во европски и светски рамки станува се поактуелна од пред неколку години, како институција алармираат во јавноста за штетноста по здравјето од нивна неконтролирана и прекумерна консумација, како и за опасноста од мешањето на енергетските пијалаци со алкохол. Таа се согласи со предлогот за потребата од креирање на јавна кампања за подигнување на јавната свест за опасноста од прекумерната консумација на енергетските пијалаци и нивната злоупотреба, односно за опасноста по животот и здравјето која може да го предизвика нивното комбинирање со алкохол.

На состанокот на Националниот совет беше разгледана реализацијата на дефинираните обврски  на четвртиот состанок и беше донесен заклучок за потреба од формирање на работна група која ќе врши селекција на аликациите за селекција на пријавите на експертите за формирање на научните панели за што ќе биде распишан јавен повик.

 


 

Ознаки
Категорија