Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Здравствена проценка на ризик по човековото здравје од омега 3 полинезаситени масни киселини (PUFA)

Двете главни класи на полинезаситени масни киселини (PUFAs) се омега-3 и омега-6 масните киселини.Постојат неколку различни омега-3, а од научен интерес се три: алфа-линоленска киселина (ALA), еикозапентаеноична киселина (EPA) и докозахексаеноична киселина (DHA). Препораките за внес на масни киселини и други хранливи материи се дадени во Диететските референтни дози (DRIs). Растителните масла кои содржат ALA вклучуваат ленено семе, соја и масла од канола. Чија семето и оревите исто така содржат АЛА. Содржината на омега-3 во рибата варира во голема мера. Масните риби од ладна вода, како што се лососот, скушата, туната, харингата и сардините, содржат големи количини на LC омега-3, додека рибите со помала содржина на маснотии - како што се бас, тилапија и бакалар - како и школките содржат пониски нивоа. Содржината на омега-3 во рибата зависи и од составот на храната што рибата ја консумира. LC омега-3 се присутни во неколку формулации за додатоци во исхраната, вклучувајќи рибино масло, масло од крил, масло од црн дроб на бакалар и вегетаријански производи кои содржат масло од алги. Типичен додаток за рибино масло обезбедува околу 1.000 mg рибино масло, кое содржи 180 mg EPA и 120 mg DHA, но дозите варираат во голема мера. Додатоци на масло од црн дроб на бакалар обезбедуваат витамин А и витамин Д како додаток на LC омега-3.

По барање на Европската комисија, од Панелот за диететски производи, исхрана и алергии во 2012 беше побарано да даде научно мислење за толерантно горно ниво на внес (UL) на n-3 LC PUFAs еикозапентаеноична киселина (EPA), докозахексаеноична киселина (DHA) и докозапентаеноична киселина (DPA). Достапните податоци не биле доволни за да се утврди UL за n-3 LC PUFA (поединечно или комбинирано) за која било популациона група. При опсервираните диететски нивоа на внес, потрошувачката на n-3 LC PUFA не била поврзана со негативни ефекти кај здрави деца или возрасни. Долгорочниот дополнителен внес на EPA и DHA комбиниран до околу 5 g/ден не го зголемил ризикот од спонтани епизоди на крварење или други хеморагични компликации или влијаел на имунолошката функција, хомеостазата на гликозата или липидната пероксидација. Дополнителен внес на EPA и DHA комбинирани заедно во дози од 2-6 g/ден и на DHA во дози од 2-4 g/ден, предизвикуваат зголемување на концентрациите на LDL-холестерол од околу 3%, што нема значително негативно влијание врз ризикот од кардиоваскуларни болести, додека EPA во дози до 4 g/ден нема значаен ефект врз нивоата на LDL холестеролот. Дополнителните дози на EPA и DHA комбинирани во дози до 5 g/ден и дополнителните дози на EPA само до 1,8 g/ден, не предизвикуваат загриженост по здравјето и безбедноста за возрасни лица. Препораките за  диететски внес на EPA и DHA врз основа на ризик стратификацијата за настанок на кардиоваскуларни заболувања и настани за возрасни Европејци се движи помеѓу 250 и 500 mg/ден. Дополнителниот внес само на DHA до околу 1 g/ден не предизвикува загриженост по здравјето и безбедноста на општата популација.

Во овој научно-базиран документ наведени се препорачаните дози за дневен диететски внес, нутритивни табели - извори од растително и животинско потекло, преглед на додатоци во исхрана што содржат полинезаситени масни киселини, поврзаноста со кардиоваскуларни заболувања и ризик факторите за настанок на кардиоваскуларни заболувања вклучувајќи исхемична срцева болест, акутен коронарен синдром (ST сегмент елевациски миокарден инфаркт и не-ST сегмент миокарден инфаркт), венски тромбоемболизам (длабока венска тромбоза - DVT и пулмонален емболизам - PE), дислипидемии (примарни и секундарни, особено хипертриглицеридемии), карцином на дојка, колоректален карцином и карцином на простата, Алцхајмерова деменција, невролошкиот развој и здравјето кај доенчиња, ксерофталмија, ревматоиден артритис, макуларна дегенерација поврзана со возраста. Наведени се и најнови податоци за позитивните ефекти врз стабилизација на мембраната на срцевите мускулни клетки преку PIEZO протеините и протективното дејство во однос на настанок на вентрикуларни (коморски) аритмии и ремоделирање на преткоморите на срцето.

Дополнително наведени се и постари и најнови студии за безбедноста на PUFA, со осврт на склоноста кон крварење и хеморагични компликации, тромбоцитната функција, имунолошката функција, липидната пероксидација и зголемениот ризик од настанок на срцева суправентрикуларна (преткоморска) аритмија - атријална фибрилација (AF), интеракцијата со лекови при суплементација.

Опишани се генерално и сите интернистички заболувања што се тангирани со полинезаситените масни киселини и нивната суплементација во овој научен документ, со дефиниции, патогенеза, клиничка слика, дијагностика, терапија и генерални најнови препораки, со ЕКГ стрипови, ехокардиограми и други записи од имиџинг методи, како и табели од водичи и стручна литература, согласно со професионалните компетенции и професионалното работно искуство на авторот на овој документ, како доктор на медицина - специјалист интернист.

На крајот на документот наведени се референците од пребаруваната и користената научна литература.

Овој документ во целост е научно изработен, стручно преведен, адаптиран, научно систематизиран, ажуриран со најнови научни податоци од релевантна стручна литература, трудови/стручни публикации и монографии, како и научни мислења од страна на Д-р Виктор АРСОВ, дипломиран доктор по медицина, специјалист интернист, експерт за здравствена проценка на ризик поврзана со опасности во храната, нутриција, диететски производи и алергии, помлад соработник за логистика за информации за здравствена проценка на ризик поврзани со опасности во храната, со речиси 18 годишно работно и професионално искуство во Секторот за проценка и комуникација на ризик (СПКР).