Агенцијата за храна и ветеринарство донесе Решение за спроведување на заштитни мерки – попис и идентификација на приемчиви животни на болеста Африканска чума кај свињите, со што ги прошири превентивните мерки за спречување на појава и ширење на оваа болест. Согласно решението, пописот ќе го спроведат ветеринарните друштва кои со Агенцијата имаат потпишано договор за реализација на активности од јавен интерес, почнувајќи од 8 ноември и истиот ќе заврши на 31 декември годинава.
Во рамки на оваа активност, попишани и идентификувани ќе бидат сите свињи кои се одгледуваат во земјава, во комерцијалните фарми, но пред се, во селските домаќинства, дури и оние кои одгледуваат по една свиња, а ќе се изврши и регистрирање на новите одгледувалишта. Регистрацијата на одгледувалиштата и идентификувањето на свињите со ушни маркички, ќе биде на трошок на Агенцијата и обезбедени од Програмата за здравствена заштита на животните за 2018 година.
Агенцијата за храна и ветеринарство ги повикува сите одгледувачи на свињи, да го пријават одгледувалиштето/фармата и животните кои ги одгледуваат во најблиското ветеринарно друштво. Напоменуваме дека при евентуална појава на болеста Африканска свинска чума и кај нас, само регистрираното одгледувалиште и идентификуваните/обележани свињи се единствен правен основ одгледувачите да добијат отштета за убиените животни.
Со пописот, ќе биде извршено ажурирање на податоците за одгледувалиштата и бројот на свињи кои се евидентирани во Ветеринарно информативниот систем на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Категорија