Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Македонија и АХВ со нова пофалба од ЕУ за успешно справување со болестите кај животните

06.09.2018
Македонија и АХВ со нова пофалба од ЕУ за успешно справување со болестите кај животните

Република Северна Македонија и Агенцијата за храна и ветеринарство добија пофалба од Генералниот директорат за здравје и безбедност на храната при Европската комисија, за успешно креирање и спроведување на политиките и мерките за справување со болестите кај животните во 2017 година на конференцијата на тема „Прекугранични болести кај животните во Европа - важноста од меѓународна соработка за одржливо сточарство“, која денес се одржа во Брисел во организација на Европската комисија. На конференцијата на која присуствуваа високи претставници Европската комисија и Светската организација за здравствена заштита на животните и - ОИЕ, учество зедоа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Северна Македонија, Љупчо Николовски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.
На конференцијата беше презентирана ретроспектива на координираните активности спроведени за контрола на болеста Јазлеста кожа во земјите на југоисточна Европа, во периодот 2015-2017 година.
Шефот на Европската комисија за здравје и безбедност на храна, Витенис Андриукаитис, ја истакна потребата од меѓународна соработка во размената на информации и координирани активности во подготовките за превенција, брзо откривање, справување, сузбивање и искоренување на посебно опасните заразни болести кај животните.
-Македонија доби уште едно признание дека се движи на вистинскиот пат. Европската комисија ја пофали Македонија за начинот на спроведувањето, заштитата но и применетите политики при појавата на болеста јазлеста кожа. Усогласувањето на законодавството со европските регулативи и спроведувањето на истите се уште еден доказ дека Македонија оди напред. Овде во Брисел со Зоран Атанасов, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство учествуваме во работна група на ЕУ за прекугранична соработка за контрола на болестите кај животните. Како резултат на успешната работа следниот работен состанок ќе се одржи во Македонија. Воедно, ќе разговараме за ИПА- програмирањето и искористеноста и достапноста на ИПАРД средствата, со акцент на здравствената заштита кај животните, а со тоа и кај луѓето“, изјави министерот Николовски.
АХВБернард Ван Готем, директор за кризен менаџмент за храна, животни и растенија при Генералниот директорат за здравје и безбедност на храната при Европската комисија, со кој министерот Николовски и директорот Атанасов остварија работна средба, ја истакна потребата од меѓународна соработка во размената на информации и координирање на активностите за справување со прекуграничните болести кај животните.
Денешната конференција која се одржува во Брисел на највисоко ниво е од особена важност, имајќи во предвид дека интензивното производство и трговијата на животни, политичката нестабилност во одредени земји и региони, како и климатските промени, доведоа до тоа во Европа и регионот да се појават заразни болести кои се несвојствени, а предизвикуваат сериозни економски загуби во сточарството и прехранбената индустрија. Класичен пример се појавата на јазлеста кожа кај говедата, африканската чума кај свињите и чумата кај овците и козите. Македонија веќе има воспоставено систем за информирање и брзо откривање, односно воведени се мониторинг програми за детекција на овие болести, обуки со одгледувачите и ветеринарните друштва, издадени прирачници редовни соопштенија до јавноста.
-Министерството за земјоделство и Агенцијата за храна и ветеринарство интензивно работат на усогласување со ЕУ регулативите од оваа област, а нашето членство во НАТО и ЕУ ќе значи уште поголема сигурност во делот на заштита на здравјето на луѓето и благосостојбата на животните, истакна министерот Николовски.

Категорија