Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

Ревијален сеопфатен научен извештај во однос на здравствена проценка на ризик по човековото здравје преку диететска експозиција на арсен и соединенија на арсен

Со COMMISSION REGULATION (EU) 2023/465 of 3 March 2023 amending Regulation (EC) No 1881/2006 as regards maximum levels of arsenic in certain foods”, не се регулирани регулаторни гранични вредности - максималните нивоа – ML’s за арсен (тотален, неоргански арсен - iAs и органски арсен)  за риба, производи од риба и морска храна;

За органските соединенија на арсен не се воспоставени регулаторни гранични вредностимаксимални нивоа - ML

Меѓународната агенција за истражување за канцерогеноста  (IARC) на одредени хемиски контаминенти ги категоризира органските соединенија на арсен - ММА и DМА како Група 2Б (можен канцероген за луѓето); Органскиот арсен - тетраалкилираното соединение - арсенобетаин (AsB) е главниот арсеник во морската храна и вообичаено сочинува повеќе од 90% од вкупниот арсен присутен во рибите и претставува главен диететски извор на изложеност на арсен за луѓето и е нетоксичен со LD50 ≥10000 mg/kg телесна тежина; Неорганските соединенија на арсенот - iAsV и iAsIII се категоризираат како канцерогени без токсиколошка прагова вредност од класа I.

Панелот CONTAM на ЕФСА во своето најново научно мислење ги разгледа само студиите што вклучуваат субјекти со долгорочна (хронична) изложеност на ниски до умерени нивоа на арсен, дефинирани како концентрации на арсен во вода помали од ~ 150 μg/L  или проценети концентрации на биомаркери во еквивалентни дози и утврди значајна причинско-последична поврзаноста помеѓу ниската до умерена изложеност на iAs и ракот на кожата, мочниот меур, белите дробови, како и зголемениот ризик за настанок на спонтан абортус, раѓање на мртов плод, смртност на доенчиња, вродени срцеви заболувања, невроразвојни ефекти, исхемична срцева болест, респираторна болест, хронична бубрежна болест, атеросклероза, промени на пигментацијата и хиперкератоза. Од друга страна, нема доволно докази за поврзаност помеѓу ниска до умерена изложеност на iAs и карцином на градите, простатата, бубрезите, рак на црниот дроб, панкреасот и жолчното ќесе, машката неплодност, невротоксичност, мозочен удар и хипертензија, пореметувања во метаболизамот на гликозата, инсулинската резистенција, дијабетесот и (кардио) метаболниот синдром.

Научниот извештај на ЕФСА за 2020 година, опфаќа 13.608 аналитички резултати за iA од примероци собрани помеѓу 2013 и 2018 година во 23 различни европски земји. Од нив 7623 се однесуваат на вода за пиење и 5985 за различни видови храна. Меѓу примероците на вода за пиење, највисоките просечни нивоа на арсен се пријавени за неодредени примероци на вода за пиење (просечно = 2,0-2,4 μg/kg, LB-UB), додека најниските нивоа се за газираните минерални вода (просечно=0,8–1,7 μg/kg, LB–UB).

Најзастапена категорија на храна била „Зрна и производи од житарки“ со вкупно 2928 аналитички примероци позитивни за iAs; во оваа категорија на храна биле вклучени околу 1800 примероци од различни видови ориз заедно со производите базирани на ориз за кои се знае дека содржат релативно високи нивоа на iAs. Пријавени се примероци од ориз и производи на база на ориз со највисоки нивоа на iAs, со просечни вредности од 233 μg/kg кај црвениот ориз (LB = UB) и 128-131 μg/kg (LB-UB) кај кафеавиот ориз.

Релативно високи нивоа на iAs пријавени се за неколку примероци кодирани како „Оризови колачи/Оризови вафли/Оризови крекери“, со просечни нивоа од 146–148 μg/kg (LB-UB). Друга категорија на храна со голем број позитивни примероци е „Риба и други морски плодови“ (n=938), со речиси половина од примероци кодирани како „Рибино месо“ (n=451). Пријавените нивоа на iAs за „рибино месо“ се релативно ниски (средна LB=4 μg/ kg) додека повисоки нивоа биле пријавени за ракови (просечно LB=15 μg/kg) и за мекотелите, особено кај школките (средна LB=108 μg/kg). Групата храна „Зеленчук и производи од зеленчук (вклучувајќи габи)” e застапена со 589 примероци. Генерално, iAs почесто бил квантифициран во примероци од диво растечки печурки во споредба со оние што се одгледуваат.  Примероците од морски алги сочинуваат речиси половина од примероците (n=279) пријавени како „Зеленчук и производи од зеленчук (вклучувајќи габи)“. Иако арсенот во морските алги првенствено се наоѓа во форма на арсеношеќери, некои кафеави алги, особено морските алги Хизики или Хиџики (Sargassum fusiforme, син. Hizikia fusiformis), но исто така и Комбу (Laminaria spp.) содржат iA до 100 mg/kg и висок сооднос iAs/tAs (75%–85%). За проценка на изложеноста кај младата популација, достапни биле  482 примероци „Храна за доенчиња и мали деца“ со податоци за iA.

Референтната точка (0,06 μg/kg телесна тежина на ден) за хронична токсичност идентификувана од CONTAM панелот за настанок рак на кожа е во опсегот на проценетата диететска изложеност на iAs за просечни потрошувачи (0,03-0,15 μg/kg телесна тежина на ден) и малку под опсегот/ранг вредностите за големите возрасни потрошувачи (0,07-0,33 μg/kg телесна тежина на ден) во Европа. Затоа, кај возрасните, маргината на експозиција (MOE) што се користи во експозиционата статистика за карактеризација на ризик на карциногени хемиски контаминенти се движи помеѓу 2 и 0,4 за просечните потрошувачи и помеѓу 0,9 и 0,2 на 95-от перцентил изложеност, соодветно. MOE од 1 го опишува ниво на изложеност што може да се поврзе со зголемување од 5% во однос на основната инциденца за рак на кожа, врз основа на достапните податоци. И покрај неизвесностите, панелот CONTAM заклучил дека овие MOE предизвикуваат здравствена загриженост за појава на рак на кожата. Панелот CONTAM забележа дека BMDL, што исто така се корисити за експозиционата статистика за хемиски контаминенти за некои од студиите за рак на белите дробови, рак на мочниот меур, исхемична срцева болест и хронична бубрежна болест биле во опсег од 0,12-0,17 μg/kg телесна тежина на ден, што исто така е во опсегот на хроничната диететска експозиција. Затоа, постои можна загриженост и за овие клинички крајни точки. Панелот CONTAM забележува дека изложеноста во исхраната е поголема кај помладите возрасни групи и затоа соодветните MOE се помали. Сепак, ова не мора да значи дека децата се изложени на поголем ризик, бидејќи ефектите се должат на долготрајна изложеност и повеќето од епидемиолошките студии се спроведуваат кај возрасни кои исто така би имале повисока диететска изложеност во раната животна возраст. Затоа, панелот CONTAM заклучува дека децата се опфатени со оваа карактеризација на ризик. Познато е дека арсенот го нарушува одговорот на оштетувањето на ДНК и поправката на ДНК, а поединците со одредени генетски варијанти имаат зголемена подложност на рак. Иако карактеризацијата на ризикот се заснова на резултатите од релативно големи епидемиолошки студии, чувствителните индивидуи со повисок генетски ризик можеби не се соодветно претставени во овие студии. Затоа, диететската изложеност на арсен може да претставува поголема загриженост за таквите лица отколку за општата популација.

Поподробни информации и научни податоци може да прочитате во документот што го изработи Д-р Виктор Арсов, дипломиран доктор по медицина, специјалист по интерна медицина, помлад соработник за логистика за информации за здравствена проценка на ризик по човековото здравје од опасности во храна, во Секторот за проценка и комуникација на ризик, насловен како "РЕВИЈАЛЕН СЕОПФАТЕН НАУЧЕН ИЗВЕШТАЈ ВО ОДНОС НА ЗДРАВСТВЕНА ПРОЦЕНКА НА РИЗИК ПО ЧОВЕКОВОТО ЗДРАВЈЕ ПРЕКУ ДИЕТЕТСКА ЕКСПОЗИЦИЈА НА АРСЕН И СОЕДИНЕНИЈА НА АРСЕН".