Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 000 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 000 210
Следува награда од 2500 денари

Интервју на директорот Зоран Атанасов за весникот Вечер

02.01.2018
Интервју на директорот Зоран Атанасов за весникот Вечер

Македонските потрошувачи консумираат безбедна храна. Тоа го потврдува и фактот дека во текот на 2017 година регистрирани се вкупно 9 алиментарни интоксикации. Она на што најчесто се жалат потрошувачите се присуство на мушички, мувла, стакло, метален предмет и незадоволување на хигиенски услови. Од областа на ветеринарството, поплаките најчесто се однесуваат на неодговорното сопствеништво и нападите од кучиња бездомници, што претставува голем проблем и за кој треба системски да се делува, вели директорот на АХВ, Зоран Атанасов

 

Едно од најчесто поставуваните прашања е дали јадеме безбедна храна и колку се контролира храната во Македонија?
– Согласно мониторинг програмите кои ги спроведуваме и резултатите од истата можам слободно да потврдам дека македонските потрошувачи консумираат безбедна храна. Тоа го потврдува и фактот дека во текот на 2017 година регистрирани се вкупно 9 алиментарни интоксикации.
При увоз на границите храната редовно се контролира. Агенцијата за храна и ветеринарство има изработено и годишна програма за контрола на храната при увоз. Покрај редовните плански контроли кои ги спроведуваме при увозот, исто така се прави испитување и контрола на храната врз основа на сомнеж, како и врз основа на нотификациите кои ги добиваме преку РАСФФ-системот за брзо информирање на ЕУ. Доколку се утврди дека има некоја пратка која не ги задоволува законските стандарди на Република Северна Македонија, таа се враќа назад или се уништува. Следните пратки кои доаѓаат од тој производител се под засилени контроли.

 


Колку Македонија ги следи европските и светските стандарди за безбедност на храна?
– Агенцијата за храна и ветеринарство редовно ги следи промените во европското законодавство, врз основа на кои се врши усогласување и на нашето законодавство.
АХВ е контакт точка со Европската агенција за безбедност на храна – ЕФСА, а како институција, во комуникација сме и со Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите нации – ФАО. Сите новитети во оваа област кои се воспоставуваат во светски или европски рамки се имплементираат, не само во нашето законодавство, туку и кај операторите со храна.

 

Дали се обесштетени сите сточари чиј сточен фонд претрпе штета од болеста јазлеста кожа и дали болеста е ставена под контрола?
– Со моето преземање на должноста директор, затекнав поголем број сточари кои не беа обесштетени од штетите кои ги претрпеле од болеста јазлеста кожа која беше присутна во 2016 година. На наша иницијатива Владата на Република Северна Македонија донесе одлука за обесштетување и на сточарите кои не беа исплатени за настанатите штети од јазлестата кожа во 2016 година. Со одлука на Владата на РМ Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделието и рурален развој беше задолжена да ги изработи решенијата за обесштетување, а врз основа на податоците доставени од Агенцијата за храна и ветеринарство. Колку што сум известен поголем дел од сточарите ги добија парите, а за преостанатите исплатата ќе се заокружи до крајот на 2017 година. Исто така затекнавме и поголем број сточари кои не беа исплатени и по основ на одземен добиток при спроведувањето на програмите за спречување и искоренување на заразни болести кај животните. Можам само да потврдам дека ги решивме сите овие случаи.
Болеста јазлеста кожа е ставена под контрола благодарение на успешно спроведената вакцинација и нема појава на нови случаи. Последниот случај на појава на болеста е евидентиран во јуни годинава во Кривопаланечко и тој уредно го пријавивме во Светската организација за здравствена заштита на животните – ОИЕ и во ЕУ. Вакцинација против оваа болест ќе биде спроведена и во 2018 година. На состанокот на Постојаната експертска група за јазлеста кожа за Југоисточна Европа беше договорено вакцинација да спроведеме и во наредниот период, бидејќи вирусот е присутен и се уште циркулира во регионот. Наредниот состанок на оваа експертска група, на наша покана, ќе се одржи во Македонија, и на него присутни ќе бидат претставници на ФАО, ОИЕ , ЕУ и земјите од регионот.

 

 

Дали има засилени контроли на граничните премини и кои производи најчесто се враќаат или уништуваат како небезбедни од животинско или од неживотинско потекло?
– Производите на граничните премини редовно се контролираат и доколку постои сомнеж или индикации дека се случуваат одредени отстапувања во однос на задоволување на законските критериуми за безбедност, задолжително се преземаат мерки од страна на инспекциските служби на Агенцијата. Досега се вратени 13 пратки со храна од неживотинско потекло поради несоодветен квалитет и зголемени количини на резидуи од пестициди над максимално дозволеното ниво. Исто така вратени се и околу 100 тони храна од животинско потекло, а уништени како небезбедни се над 1,6 тони храна од животинско потекло. Меѓу овие производи има месо, сирење, млечни производи итн.
Согласно годишните програми за безбедност на храната во РМ и храната која се произведува кај домашните оператори или производители на храна исто така подлежи на контрола, најпрво кај самите производителите, а потоа и во маркетите и на пазарите. Покрај контролите кои ги врши Агенцијата, самите оператори, во рамки на ХАЦЦП плановите, имаат обврска да вршат контроли на храната која ја произведуваат.

 

 

Колкав е бројот на претставки од потрошувачите и на што тие најчесто се жалат?
– До средината на декември, до Агенцијата се пристигнати 317 претставки, најчесто за сомнеж за присуство на контаминенти во храната – мушички, мувла, стакло, метален предмет, незадоволување на добрите производствени и хигиенски практики, нехигиенски услови на производство или манипулирање со храната, изменети органолептички својства на храната – боја, мирис и вкус, како и за сомнеж за труење од храна. Од областа на ветеринарството, поплаките најчесто се однесуваат на неодговорното сопствеништво и нападите од кучиња бездомници, што претставува голем проблем и за кој треба системски да се делува.
Потребно е да се отвори центар за социјализација на кучиња. Постои иницијатива заедно со Министерството за одбрана да формираме еден таков центар за социјализација на кучињата во рамки на Единицата за одгледување и дресура на АРМ, во кој би се вршела нивна ресоцијализација, по што како безопасни тие би се вратиле во општеството. На ваков начин, би започнал и процесот на исполнување на законската обврска на државата за формирање и постоење на ваков центар.
Повод последните несакани случувања со бездомните кучиња сакам да ја искористам ова прилика и да апелирам, во услови кога за жал несовесни граѓани фрлаат отрови со кои се убиваат бездомните кучиња, тоа да не го прават. До граѓаните апелирам да не се обидуваат сами да ги собираат отровите, бидејќи така можат во опасност да го доведат и сопственото здравје, туку за тоа треба да ги известат надлежните органи. Сепак, на крај, институциите се тие кои треба да го решат оваа прашање.

 

 

Што треба да биде означено на декларацијата на производите со новите правила за означување на храната во ЕУ? Дали македонските компании се придржуваат на овие правила?
– Во однос на означувањето на храната, со новиот Правилник сме усогласени со ЕУ. Она што е посебно важно при означувањето е содржината и квалитетот. На декларацијата треба да стои името на производот, количината на состојките, рокот на употреба, условите на чување, нето тежина, сите состојки присутни во производот, производителот, земјата на потекло, алергените и енергетската вредност. Заедно со Организацијата на потрошувачи на Македонија – ОПМ редовно спроведуваме голем број истражувања, а оваа година направивме истражување исклучиво за обележувањето. Земени беа околу 120 производи од маркетите, од домашни и странски производители. Бројките покажаа дека најчестите отстапувања се однесуваат на обележувањето на хранливата вредност, етикетирање на македонски јазик и доведување во заблуда на потрошувачите, односно несоодветно обележување. Како институција може да кажеме дека резултатите од ова истражување се задоволителни и дека нашите оператори со храна генерално ги почитуваат правилата и се придржуваат до законските обврски за означување на храната.

 

 

Со оглед на тоа дека во Македонија се фрла многу храна, какви мерки презема АХВ за да се намали фрлањето на храна и дали се преземаат некои акции за донирање на храна?
– Ова прашање е доста интересно и во иднина ќе биде доста актуелно и кај нас. Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со МЗШВ и министерствата за финансии и труд и социјална политика активно е вклучена во разгледување на иницијативата на невладината организација ,,АЈДЕ МАКЕДОНИЈА” за креирање на законско решение за донирање на храна. Во моментов се разгледува како сето тоа законски да се усогласи и таквата храна која е при крај на рокот на употреба и храната која има подолг рок на употреба и по истекот на гарантираниот рок, да може да се донира на социјално загрозените семејства во Република Северна Македонија наместо да завршува на депониите. Со ова законско решение, како одговорна институција за безбедноста на храната ќе водиме сметка и оваа категорија граѓани да биде заштитена и да консумира безбедна и здрава храна. Во ЕУ веќе има некои решенија. Со иницијативата “Ајде Македонија” разгледувани се законските решенија од повеќе земји – од Бугарија, Англија, Франција, Америка… Ние се обидуваме да најдеме наше, македонско решение во склоп со нашите навики и менталитетот на нашите граѓани.
Она за што се размислува е имплементацијата на донирањето на храната да биде спроведено во повеќе фази. Во првата фаза ќе биде храната која се произведува и која се продава во маркетите, во втората ќе бидат опфатени кетеринзите, а последната, во третата фаза ќе биде храната од домаќинствата.
Со Министерството за финансии бараме соодветно решение операторите кои ќе донираат храна да бидат ослободени од давачките за таа храна и на тој начин да бидат мотивирани ваквата храна да ја донираат.

 

 

Со оглед на тоа дека добивме дозвола за извоз на јагнешко во Кина, производи од риба во ЕУ, што е следно?
– Следното е извозот на жива риба на пазарите на ЕУ. Затоа го подготвивме и одговоривме на прашалникот за извоз на жива риба на пазарите на ЕУ. Деновиве подготвуваме документи за патот кој треба да го изодиме за да добиеме дозвола за извоз на свежо свинско месо на европскиот пазар. Тоа е малку посложена процедура и ќе трае подолго време затоа што се бара Македонија да не врши вакцинација против болеста класична свинска чума. Затоа деновиве го креираме начинот како да го постигнеме тоа ниво, да ја гарантираме безбедноста, односно да водиме сметка болеста да не се појави на фармите.
Затоа од јануари 2018 година почнуваме со проценка на биосигурносните мерки во свињарските фарми за да ги кренеме условите на истите во нив на повисоко ниво. Засега направивме пилот-проект на 12 поголеми фарми. Првичните резултати се задоволителни и затоа ќе продолжиме ова да го правиме и наредната година.
Исто така, преку дипломатските тела на Република Северна Македонија доставивме прашалник до Израел за можноста за извоз на живо јагне таму. Сега очекуваме одговор од страна на израелските служби.
Исто така почнавме да разгледуваме кои се условите и гаранциите кои треба да ги дадеме како држава, за можноста за извоз на живо јагне и на пазарите во земјите членки на Европската Унија каде засега извезуваме само јагнешко месо.

 

 

Колку во Македонија има ГМО храна и колку таа е штетна за здравјето на луѓето?
– Членовите кои порано постоеја во Закон за безбедност на храна со кои се дозволуваше производство и влез на ГМО храна во Република Северна Македонија се укинаа со политичка одлука. Сакаме да се отвори јавна дебата. И научниците да си го кажат своето мислење за ГМО храната. Во светот веќе сериозно се дискутира по ова прашање. Многу земји ја имаат прифатено ГМО храната и јас не гледам причина зошто Македонија да не го направи тоа. Сепак, право на потрошувачите е да изберат што ќе консумираат.
Сметаме дека е потребно повторно да се вратат тие членови во Законот за безбедност на храна. ГМО веќе не е табу тема, можеби беше пред 20 или 30 година кога почна да се појавува. Според прописите што порано беа на сила во Македонија беше предвидено да има ГМО, но тоа да биде означено на храната и самиот потрошувач да одлучи дали ќе купува ГМО или не. Сите научни сознанија укажуваат дека за опстанок на човештвото понатаму му треба ГМО храна.

 

 

На што ќе се фокусирате во наредната 2018 година и кои ќе бидат вашите приоритети во однос на безбедноста на храната со оглед на тоа што здравјето на луѓето зависи од безбедноста и квалитетот на храната?
– Пред два месеци дадов налог да се направи анализа за тоа што е критично во однос на безбедноста на храната во Македонија. Анализата е спроведена за период од 2010 до 2017 година при што се утврдени одредени зачестени отстапувања или слабости. Анализата ни укажа каде треба да се сконцентрираме во идниот период. Како, на пример, утврдивме дека најчесто настануваат безбедносни проблеми со храната во кетерингот и онаму каде се носи и служи храна која не се подготвува на лице место, по фабриките, во рестораните, во сендвичарниците. Следната работа е воспоставување на македонскиот РАСФФ-систем кој треба да биде пандан на европскиот и преку кој ќе добиваме брзи информации и проценки за можните ризици и појава на небезбедна храна во прометот.
Доста активности се посветуваат и на антимикробната резистентност и употребата на антибиотиците. За следната година изработивме посебна Програма за контрола и превентива во однос на физички, биолошки и хемиски опасности за определени видови на храна. Со оваа програма ќе бидат контролирани хемиско-физичките карактеристики, односно квалитетот на производите. Со оваа програма, исто така, за прв пат ќе се испитува и тоа дали храната е третирана со јонизирачко зрачење, една од технологиите за продолжување на рокот на производите, а која според законските прописи треба да биде означено на производот.

 

 

А.Стојческа

 

 

Изворно интервјуто можете да го прочитате  ОВДЕ

 

Категорија