Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ) и Црвениот крст во Веро Центар во Скопје, во саботата ги одбележаа 16 Октомври, Светскиот ден на храната и 17 Октомври - Светскиот ден на борба против гладта, со промоција а храна на штандови и делење брошури за едукација на граѓаните. Промовирана беше и новата брошура за едукација на граѓаните ,,Информации поврзани со храната,, која Агенцијата за храна и ветеринарство ја изработи со ОПМ во рамки на Програмата за заштита на потрошувачите.
Годинашното мото на Обединетите Нации за одбележување на Светскиот ден на храната е ,,Променете ја иднината на миграцијата - инвестирајте во безбедноста на храната и во руралниот развој,,.
Како институции и како носители на иницијативите во граѓанскиот сектор, според Фирус Мемед, заменик директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, можеме уште повеќе да го придвижиме секторот на производство на храна и стопанството во целина и да придонесеме за производство на доволни количини безбедна грана за секој граѓанин.
Заедно можеме да креираме нови, попродуктивни политики за заживување на руралните средини во Република Северна Македонија, зошто таму има голем човечки и производствен потенцијал, што е одлична основа и за спречување на миграцијата село - град.
Операторите со храна како општествено одговорни компании, упатен беше апел да донираат храна и да ги поддржуваат и неформалните граѓански иницијативи кои им помагаат на граѓаните на кои им е потребна поддршка и на кои помошта во храна им е исклучително важна.
Безбедноста на храната и здравјето на потрошувачите се приоритет на Агенцијата за храна и ветеринараство и врвен приоритет на Република Северна Македонија. Како институција одговорна за безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, Агенцијта континуирано работи на усогласување на меѓународните политики за храната. Потрошувачите се информираат и едуцираат за сите прашања поврзани со безбедноста на храната, зошто во глобалниот свет сите сме потрошувачи и зависиме едни од други.
Од почетокот на годинава заклучно со јули извршени се скоро 40 илјади инспекциски контроли. Донесени се 1.369 решенија со кои се наложени мерки за отстранување на констатирани недоследности, спроведени се околу 574 едукации на операторите со храна, а изречени се и 40 парични казни. Во рамки на извршените контроли поведени се 11 прекршочни постапки. Како небезбедни, од домашниот пазар, повлечени и поништени се 114.608 килограми храна од животинско и од неживотинско потекло.
Во 2016 година, извршени беа над 85 илјади контроли на оператори со храна во внатрешниот промет и при увоз. Врз основа на извршените контроли во внатрешниот промет, донесени беа приближно 5.700 решенија со кои се наложени мерки за отстранување на констатирани недоследности, спроведени се околу 400 едукации на операторите со храна, а изречени се и 150 парични казни. Во рамки на извршените контроли поведени се 41 прекршочна и 2 кривични постапки.
Како небезбедни, од домашниот пазар, повлечени и поништени се 238.590 килограми храна од животинско и од неживотинско потекло.
-Целта на денешното одбележување е да ги повикаме граѓаните и властите да преземат нешто околу фрлањето храна во Република Северна Македонија. Според статистичките податоци со кои располагаме, во Македонија годишно се фрлаат 5.000 тони храна. Со таа храна би можело да се прехранат 13.000 луѓе со по три оброка дневно или еден мал град во Македонија да се храни цела година, изјави Маријана Лончар Велкова,претседател на ОПМ.Таа додаде дека заедно со Црвениот крст сакаат да ги поттикнат маркетите и производителите на храна да преземат мерки за навремено отстранување на храната што е пред истек на рокот за да може да им се додели на сиромашните луѓе.
-Може да постојат некој вид продавници во кои луѓето ќе можат да купат хранаи тоа не со поминат рок, туку во рамки на рокот кој е безбеден за консумирање. Нас ни треба поголема едукација како да ја чуваме и складираме храната и која храна навистина ни е потребна за едночлено и повеќечлено семејство за да не се фрла храна - рече Лончар Велкова.