Потпишан договор со Србија за признавање на лабораториските испитувања

30.10.2019
Потпишан договор со Србија за признавање на лабораториските испитувања

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија продолжува да ја зајакнува соработката со земјите во регионот во рамки на своите надлежности. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Зоран Атанасов, потпиша Договор за соработка во областа на ветеринарната политика и безбедноста на храната со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Србија, како основа за развивање и унапредување на овие области во двете земји.

Документот претставува правна основа за олеснување на прометот со живи животни, производи од животинско потекло, храна и храна за животни на начин кој не претставува ограничување на меѓусебната трговија, а со кој се обезбедува потребното ниво на заштита на животот и здравјето на луѓето. Истовремено, се оневозможува внес на заразни болести кај животните, производите и храната кои се штетни по здравјето.

Со потпишувањето на овој Договор, двете страни се обврзуваат меѓусебно да ги признаваат и резултатите од извршените лабораториски испитувања во акредитирани лаборатории во двете земји. 
Од овој договор произлегува и обврската за размена на плановите за земање примероци за испитување на резидуи во тековната година, резултатите од тестирањата извршени во претходната година, а со него ќе се унапредува и соработката меѓу стручните и научните институции од областа на здравствената заштита на животните и ветеринарното јавно здравство. Акцент во подобрување на соработката со овој акт ќе се стави и на дијагностичките и аналитичките лаборатории, на ветеринарните служби, вклучувајќи и размена на експерти од областа на ветеринарството. Со потпишувањето на овој Договор, надлежните органи на двете страни исто така се обврзуваат на размена на информации за состојбата на извозните објекти во двете држави и за здравствената состојба на животните.
 

Категорија