Два проценти од краварските фарми класифицирани во прва категорија

04.10.2019
Два проценти од краварските фарми класифицирани во прва категорија

Во финална фаза е категоризирањето на краварските фарми, активност која Агенцијата за храна и ветеринарство ја почна минатата година, а со која се опфатени 5.747 краварски фарми кои предаваат млеко во преработувачките капацитети. Од нив, само два отсто или 112 фарми го исполнуваат критериумот за хигиена на млеко, односно произведуваат млеко од прва категорија кое е според европските стандарди за квалитет и хигиена. На денешната средба со новинарите, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов информира дека во втора категорија се евидентирани 3.600 фарми кои многу брзо и лесно можат да се преориентираат и со едукација и подобрување на условите за хигиена на фармите , молзењето и манипулацијата со млако,да ги постигнат европските стандарди за квалитет и хигиена. Во трета категорија се 1.450 фарми, кај кои се евидентирани проблеми со хигиената при молзење, болести кај животните, но и неисполнување на одредбите за благосостојба на животните.

Не очекуваме какви било промени во однос на сегашните резултати до завршување на процесот до крајот на овој месец. Свежо млеко можат да продаваат само фармите од прва категорија, а оние од втора и трета мора да го преработуваат во сирење и кашкавал. Недостиг на свежо млеко не се очекува да има, зашто во прва категорија спаѓаат најголемите капацитети, односно фармите кои произведуваат најголеми количини млеко

-рече Атанасов.

За надминување на детектираните проблеми, АХВ, истакна Атанасов ќе предложи до Владата да се обезбедат дополнителни стимулации за производителите кои предаваат првокласно млеко, како и продолжување на едукацијата на фармерите. 

-Ќе предложиме и мерки за регулирање на сопственоста на земјиштето на краварските фарми од трета категорија, што е исто така сериозен проблем. За подобрување на хигиената во фармите, при молзењето и манипулацијата со млекото, за фармерите ќе бидат организирани едукативни работилници

– рече тој.

На средбата, Атанасов информира и за договорите за соработка кои наскоро Агенцијата за храна и ветеринарство ќе ги потпише со српските и турските власти од областа на безбедноста на храната и здравствената заштита на животните, а со кои покрај што меѓусебно ќе се признаат лабораториските испитувања и ќе се разменуваат информации и искуства. Овој месец, информира Атанасов, регионот се очекува да ја прекине вакцинацијата против јазлеста кожа. Во владина процедура е Програмата за овластени ветеринари која ја подготви Агенцијата за храна и ветеринарство, со која, заклучи Атанасов, ќе се пренесат дел од надлежностите од официјалните на овластените ветеринари кои ќе спроведуваат активности од јавен интерес.

Категорија