Европската агенција за безбедност на храна (EFSA) е институција формирана од страна на Европската унија која работи независно од законодавните и извршните институции на Заедницата (Европска комисија, Совет на Европската унија, Европски Парламент) како и од земјите членки на ЕУ.
Европската агенција за безбедност на храна е формирана во 2002 година со цел обезбедување научни совети и активности поврзани со комуникација на ризици кои се однесувааат на ланецот на исхрана. Европската Агенција за безбедност на храна, правно е формирана со влегување во сила на основната верзија на Законот за храна на Европската унија - Регулатива 178/2002.
Со Законот за храна се воспостави систем за безбедност на храна со кој се прави поделба на одговорностите поврзани со проценката на ризик (научна област) и управувањето со ризик (креирање политика). Со воспоставувањето на Европската агенција за безбедност на храна истата има одговорност во делот на проценка на ризици на научна основа и воедно има задача да ги споделува со јавноста своите научни наоди и сознанија.
EFSA е одговорна за изготвување научни мислења и обезбедување научни совети кои претставуваат основа за воспоставување на политиките и законодавството на Европската унија. Во нејзина надлежност се следните области:
- Безбедност на храна и храна за животни
- Исхрана
- Здравствена заштита и благосостојба на животните
- Заштита на растенија
- Здравје на растенија