Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на 0800 00 210. Следува награда од 2500 денари

Доколку најдете угината дива свиња ве молиме да пријавите на
0800 00 210
Следува награда од 2500 денари

За OIE

10.12.2020

Светска организација за здравствена заштита на животните
(Office International des Epizooties - OIE)

Светската организација за здравствена заштита на животните (Office International des Epizooties - OIE) е формирана со потпишување на меѓународен договор на 25 јануари 1924 година, со цел воспоставување мерки за контрола и искоренување на болести кај животните на глобално ниво.

OIE е признаена како референтна организација за подобрување на здравствената заштита и благостојбата на животните од страна на Светската трговска организација (СТО).

Во 2017 година Светската организација за здравствена заштита на животните достигнува број од вклупно 181 земји членки и има сопствени Регионални и Суб-регионални канцеларии на секој континент, а во исто време одржува постојани односи со други 71 меѓународни и регионални организации.

 

НАЧИН НА РАБОТА

Светската организација за здравствена заштита на животните работи под раководство на Светско собрание на делегати кое се состои од Делегати назначени од страна на владите на земјите членки на OIE.

Секојдневната работа на OIE ја раководи централната канцеларија која е со седиште во Париз и е под целосна одговорност на Генерален директор кој го избираат делегатите на Годишното Генерално собрание на Делегатите на ОИЕ

Други тела кои се во состав на OIE се:

  • Совет на OIE;
  • Регионални комисии;
  • Специјализирани технички комисии.

 

 

ЦЕЛИ

ТРАНСПАРЕНТНОСТ

Секоја земја членка на OIE е обврзана да достави известување во случај на појава на болест кај животните на територијата на нејзината држава. Овие известувања OIE понатаму ги проследува до другите земји членки заради преземање на потребните превентивни и заштитни мерки.

 

НАУЧНИ ИНФОРМАЦИИ

Собирање, анализа и дисеминација на научни информации од областа на ветеринарната политика

OIE ги собира и анализира најновите научни информации во однос на контрола на болести кај животните и истите ги проследува до сите земји членки со цел да им даде поддршка во процесот на подобрување на методите кои ги користат за контрола и искоренување на овие болести.

 

МЕЃУНАРОДНА СОЛИДАРНОСТ

Поттикнување меѓународна солидарност при контрола на болести кај животните

OIE обезбедува техничка поддршка на земјите-членки кои бараат помош во однос на контрола на болести кај животните и искоренување на болести, вклучително и за болестите кои се пренесуваат од животните на луѓето.

OIE особено ја нуди својата експертиза на земјите со слаб економски развој, со цел да им пружи поддршка во процесот на контрола и искоренување на болестите кај животните кои предизвикуваат загуби на добитокот, претставуваат ризик за јавното здравје и постои опасност за ширење на болеста на други земји.

 

САНИТАРНА БЕЗБЕДНОСТ

Безбедна трговија на глобално ниво со објавување на здравствените стандарди за меѓународна трговија со живи животни и производи од животинско потекло

ОIE развива нормативни документи кои се однесуваат на правилата кои земјите-членки можат да ги користат за да се заштитат од внес на болести и патогени, без поставување на неоправдани санитарни бариери. Главните нормативни документи изготвени од страна на OIE се: Кодекс за здравствена заштита на копнени животни, Прирачник за дијагностички тестови и вакцини за копнени животни, Кодекс за здравствена заштита на водни животни и Прирачник за дијагностички тестови за водни животни.

 

ПРОМОВИРАЊЕ НА ВЕТЕРИНАРНИТЕ СЛУЖБИ

Подобрување на правната рамка и ресурси на националните ветеринарни служби

Ветеринарните служби и лабораториите за дијагностика на болести кај животните во земјите кои се во развој и во транзиција треба да воспостават и одржуваат потребна инфраструктура, ресурси и капацитети кои ќе им овозможат поголема заштита на здравјето на животните и на јавното здравје на територијата на својата земја.

Согласно политиките на OIE, ветеринарните служби треба да претставуваат приоритет за владините политики на државата и неопходно е нивно услогласување со меѓународните стандарди, особено во однос на структурата, организацијата, ресурсите и капацитетите со кои располагаат.

 

БЕЗБЕДНОСТ НА ХРАНА И БЛАГОСОСТОЈБА НА ЖИВОТНИТЕ

Обезбедување подобри гаранции во однос на безбедноста на храната од животинско потекло и помовирање на благосостојбата на животните преку пристап кој се базира на научни достигнувања.

Земјите членки на OIE се стремат кон обезбедување подобри гаранции за безбедност на храната од животинско потекло со креирање синергија помеѓу активностите на OIE и активностите кои се преземаат од страна на Codex Alimentarius . Активностите за утврдување на стандардите на OIE во оваа област се фокусираат на елиминирање на потенцијалните опасности кои постојат пред колењето на животните или примарна обработка на нивните производи (месо, млеко, јајца и сл.) а кои можат да претставуваат извор на ризик за потрошувачите.

Заради тесната поврзаност на здравствената заштита со благосостојбата на животните, OIE претставува водечка меѓународна организација за благосостојба на животните.

 

 

НАЦИОНАЛНА СТРУКТУРА

На 08 април 1993 година, Република Северна Македонија стана земја членка на Светската организација за здравствена заштита на животните.

Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија е национална контакт точка на Светската организација за здравствена заштита на животните и е претставувана од страна на делегат, г-дин Зоран Атанасов – директор на АХВ, и г-дин Слободен Чокревски кој има улога на заменик делегат.

Република Северна Македонија претставувана преку Агенцијата за храна и ветеринарство зема активно учество и во следните експертски мрежи на Светската организација за здравствена заштита на животните:

  • Експертска мрежа за ветеринарни лаборатории
  • Експертска мрежа за ветеринарно медицински препарати
  • Експертска мрежа за безбедност на храна при производство на животни
  • Експертска мрежа за диви животни
  • Експертска мрежа за известување за болести
  • Експертска мрежа за аквакултура
  • Експертска мрежа за благосостојба на животните
  • Експертска мрежа за комуникација

 

 

Обврски на Република Северна Македонија како земја членка на ОИЕ

Република Северна Македонија како земја членка на OIE има обврска редовно да пријавува појава на болести на животните на територијата на нејзината држава. Заради ефикасно, транспарентно и навремено пријавување на болестите кај животните, OIE има развиено и го користи WAHIS системот.

Република Северна Македонија со самото пристапување во OIE има обврска да изготвува шест-месечни извештаи во однос на копнени и акватични животни. Дополнителна обврска која ја има Република Северна Македонија е подготовка на годишни извештаи во форма на наративен текст а во прилог се доставуваат и национални епидемиолошки податоци во однос на одредени болести кај животните.