Агенцијата за храна и ветеринарство ги доби резултатите од анализираните мостри крв земени од овците во бачилото од гостиварското село Симница и кај нив, од страна на Факултетот за ветеринарна медицина е потврдено присуство на Кримска Конго хеморагична треска и Кју треска. Станува збор за болести кои ги пренесуваат вектори (инсекти, крлежи, комарци и глодари) и од кои може да заболат и животните и луѓето.
Се уште не се добиени резултатите од лабораториските испитувања на земените мостри од млекото, сирењето и водата од бачилото. Остануваат на сила мерките кои пред неколку дена ги изрекоа официјалните ветеринари - забрана за движење на стадото од бачилото, обврска за задолжително пријавување на евентуално заболени или угинати животни до надлежното ветеринарно друштво, а извршена е и темелна дезинфекција и дератизација во одгледувалиштата.
Кримска-конго хеморагична треска е вирусна болест чиј резервоар и преносител од дивите на домашните животни и на луѓето се крлежите. Вообичаено, заболените животни не се разболуваат и кај нив нема клиничка манифестација на болеста. Вирусот на Кримска-конго хеморагичната треска кај луѓето се пренесува со каснување од крлежи, или преку контакт со добиток кој ја носи болеста, при третман на болни животни, колење или јадење на месо или производи од болни животни.
Кај луѓето болеста се манифестира со треска, болки во мускулите, главоболка, повраќање, дијареа и крварење на кожата.
Ку треска е болест од која исто така може да заболат и луѓето и животните. Болеста се шири преку контакт со млеко, урина и измет од заболените животни ( овци, кози, говеда), а причинителот на оваа болест во почвата и прашината може да живее подолг временски период.
Луѓето може да се заразат преку вдишување на причинителот, или со консумирање на заразено непревриено млеко. Кај луѓето оваа болест предизвикува треска, проблеми со дишењето и со црниот дроб. Сточари, ветеринари, лица кои работат во кланици и во млечна и месна индустрија се изложени на зголемен ризик да заболат од овие болести и тие задолжително треба да преземат дополнителни мерки за заштита. Популацијата која е изложена на ризик се земјоделци - сточари, лица кои работат во кланици, или медицински персонал кој доаѓа во контакт со телесните течности на заразените лица или животни.
Агенцијата за храна и ветеринарство препорачува да се спроведуваат следните мерки за намалување на ризикот за ширење на овие болести:
- сточарите да се заштитат себе си и животните од инсекти, да се постават мрежи на прозорците, вратите, отворите за вентилација во шталите,
- во период на активност на векторите животите да бидат затворени,
-да извршат дезинсекција, дезинфекција и дератизација на одгледувалиштето, опремата, возилата за транспорт на животните,
-да спроведат третман против ектопаразити – крлежи,
- да се користи вода и добиточна храна од сигурен и контролиран извор,
- редовно да се чисти изметот од објектите и истиот соодветно да се отстранува и пакува,
-да се користи облека со светла боја на која лесно се забележуваат крлежите
-да се носат заштитна облека и ракавици од страна на лицата кои работат со животни,
-да не се користи непревриено млеко